Трамп тврди дека побарал од Путин да „запре со воената агресија низ цела Европа“

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека минатата недела му рекол на рускиот лидер Владимир Путин дека би сакал да ја види „Русија како ја запира својата воена агресија врз територии низ цела Европа“, со надеж дека тоа би можело да доведе до брз мировен договор во Украина.
„За време на разговорот со рускиот претседател Владимир Путин во Кина, поминав многу време зборувајќи за тоа како би сакал да го видам претседателот Путин како ја суспендира целата воена агресија на територии низ цела Европа, со надеж дека би можел да се постигне договор меѓу Русија и Украина, и тоа брзо“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Truth Social“.
„Навистина верувам дека е многу можно – илјадници луѓе умираат секој месец. Потполно крвопролевање“, рече Трамп.
Трамп честопати повикуваше на мирен крај на војната во Украина, но терминот „територии низ цела Европа“ се однесува на територии надвор од воената зона во Украина.
Администрацијата на Трамп тврди дека директните контакти со двајцата лидери би можеле да придонесат за намалување на глобалните тензии, додека критичарите се прашуваат дали Вашингтон врши доволен притисок врз Москва за да го прекине конфликтот.
Зетот и дипломатски претставник на Трамп, Џаред Кушнер, го пофали Путин во средата, нарекувајќи го „политички велемајстор“ и „историска личност“, во подкаст интервју со Матијас Депнер, извршен директор на германската медиумска група „Аксел Спрингер“.
Кушнер тврдеше дека Путин покажал „воздржаност“ со тоа што не се одлучил да користи нуклеарно оружје, и покрај ризикот од драматична ескалација на војната во Украина. Тој исто така рече дека верува оти Путин сака мир и подобри односи со Соединетите Американски Држави.



