(Видео) Голем пресврт во истрагата за милијардите во Унгарија: некој од осомничените можеби ги открил тајните скривалишта

Унгарските истражители можеби дошле до милијардите пронајдени на повеќе локации благодарение на договор со еден од осомничените или сведочење на лице кое знаело каде се скриени парите. Ова се двете можни сценарија што ги изнесе унгарскиот адвокат Ботонд Филеп, по големата акција во која беа запленети милијарди форинти, евра и долари во рамките на истрагата за случајот на Миклош Шештак.
Филеп, познат и како „селски обвинител“, на социјалните мрежи посочи дека евентуалниот договор со некој од осомничените не мора да значи дека неговата единствена обврска била да ги открие местата на кои се чувале парите.
„Ако апсењето од претходниот ден е резултат на договор со Шештак или друг осомничен, познат како спогодба за признавање вина, не е сигурно дека единствената обврска на осомничениот била да ги открие скривалиштата на парите“, напиша адвокатот.
Тој додава дека засега не е познато дали евентуалниот договор содржел и други елементи, но најавува дека повеќе детали би можеле да бидат откриени во наредните денови.
Како втора можност, Филеп го посочува сведочењето на лице кое од одредени причини знаело каде се наоѓаат парите и им помогнало на истражителите да стигнат до нив.
Големата полициска операција била спроведена во четвртокот и петокот во Будимпешта и во областите Пешта, Бекеш и Ноград. Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот координирала претреси на повеќе локации.
При акцијата биле запленети повеќе од пет милијарди форинти, 2,6 милиони евра и 1,2 милиони долари.
Сепак, адвокатот на Миклош Шештак, Габор Пап, изјавил дека никој не тврдел оти околу 6,5 милијарди форинти во готовина, пронајдени од истражителите, му припаѓаат на неговиот клиент.
Во изјава за унгарскиот портал „Телекс“, Пап посочил дека во кривичната постапка има повеќе осомничени и дека запленетите пари не се сопственост на Шештак. Тој одбил да открие дополнителни детали, повикувајќи се на адвокатската тајна.
Засега не е познато кој им помогнал на истражителите да ги пронајдат милијардите, ниту дали навистина бил постигнат договор со некој од осомничените.



