(Видео) Приватен авион со 9 лица се урна во куќи на Флорида: сите загинаа

Луксузен приватен авион „Лирџет 60“, во кој се наоѓале девет лица, вчера вечер се урна во станбена област на Флорида. Сите девет лица во леталото загинаа. Авионот падна на само 14 километри од „Мар-а-Лаго“ – резиденцијата на американскиот претседател Доналд Трамп во округот Палм Бич.
Леталото полетало од Меѓународниот аеродром во Остин, Тексас. Додека било над Флорида, авионот нагло свртел надесно и почнал неконтролирано да се спушта од височина од приближно 2.400 метри, упатувајќи се директно кон земјата. Непосредно пред ударот, авионот удрил во дрво и урнал електрични водови; сведоци изјавија дека звукот од ударот потсетувал на звук од проектил.
„Ужасна трагедија“
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, потврди дека сите девет лица во авионот загинале во несреќата, опишувајќи го инцидентот како „ужасна трагедија“.
Американската Федерална управа за авијација (FAA) потврди дека во авионот, кој летал кон аеродромот „Норт Елеутера“ на Бахамите, имало девет лица, но нивните идентитети сè уште не се објавени.
При ударот, авионот експлодирал, целосно уништувајќи најмалку една монтажна куќа и оставајќи зад себе кратер и запалени остатоци. Противпожарната и спасувачка служба на округот Палм Бич ја прогласи несреќата за инцидент со голем број жртви, иако вкупниот број на загинати и повредени засега останува непознат.
Полицијата ги затвори сите околни патишта во Гринакрес и апелираше до возачите целосно да ја избегнуваат областа додека трае истрагата и гаснењето на пожарот. Истрагата за причините за несреќата ја презеде Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB), кој се очекува денеска да го објави првиот прелиминарен извештај.

