(Видео) Разрешени се осум уредници на Радио-телевизија Србија: новиот уреднички тим јавно им се извини на гледачите

Радио-телевизија Србија (РТС) разреши осум уредници во своите редакции и во централната емисија „Дневник 2“, а новиот уредувачки тим јавно им се извини на гледачите за досегашниот начин на известување. Одлуката за разрешувањата ја донел вршителот на должноста главен уредник на Информативната програма, Боривоје Ускоковиќ, пренесува Nova.rs.
Одлуката беше соопштена во вчерашното вечерно издание на „Дневник 2“, чие емитување доцнеше поради дојави за поставени бомби. Полицијата подоцна утврди дека дојавата била лажна. За време на емисијата беше прочитана порака од новиот уредувачки колегиум, во која се најавуваат промени во програмата на РТС.
Разрешени се осум уредници на РТС
Од своите уредувачки должности се разрешени Зоран Станојевиќ, Весна Шиљеговиќ, Николина Ракиќ, Горислав Папиќ и Сузана Гвозденовиќ. Станува збор за уредници на порталот на РТС, дописничката мрежа, регионалната програма, емисијата „Око“ и програмата наменета за дијаспората.
Исто така, сменети се и уредниците на централниот „Дневник 2“, кој се емитува во 19:30 часот. Станува збор за Милица Недиќ, Душан Убовиќ и Ружа Јеремиќ Турудиќ, кои досега беа задолжени за уредување на една од најважните информативни емисии на српскиот јавен сервис.
Уредувачките позиции ги преземаат: Радивој Маројевиќ (дописничка мрежа), Милан Срдиќ (регионална редакција), Вања Ратковиќ (редакција на емисијата „Око“) и Драгана Игњиќ. Со програмата наменета за дијаспората ќе раководи Бобан Ковачевиќ.
Новиот уредувачки тим им се извини на гледачите
По објавувањето на разрешувањата, водителот на „Дневник 2“ прочита соопштение од новиот уредувачки колегиум на Информативната програма на РТС. Уредувачкиот тим им се извини на гледачите за содржините кои, според нивна проценка, биле изоставени во претходниот период. „Почитувани гледачи, ова се првите чекори кон – се надеваме – закрепнувањето на РТС, како и првото извинување до сите оние што ги изоставивме во изминатиот период“, изјави новиот уредувачки тим.
„Сакаме да ја вратиме вашата доверба“, изјави новиот уредувачки тим на Секторот за информативна и актуелно-политичка програма на РТС.
