(Видео) Силно невреме ја зафати Франција: поплавени куќи, поројот носи автомобили

Силна бура во југоисточна Франција однесе еден човечки живот, а по уште едно лице се трага. Обилните дождови што паѓаат уште од понеделникот предизвикаа поројни и други поплави, од регионот Окситанија па сè до регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег.
Врнежите почнаа да стивнуваат вчера околу пладне. Поројните води однесоа автомобили и поплавија цели населби и домови. Десетици луѓе беа евакуирани во департманите Еро и Буш-ди-Рон поради силните поплави, пренесува „Еуроњуз“.
Во општината Сен-Митр-ле-Рампар, недалеку од Марсеј, порој однесе 75-годишен маж. Неговото тело беше пронајдено вчера во Истр, а во потрагата беше вклучен и хеликоптер.
Во северниот дел на Корзика, во градот Гизонача, едно лице се води како исчезнато. Според информации од префектурата, реката Фјуморбу однела теренско возило во кое имало две лица. Едното успеало да излезе низ прозорецот, додека спасувачките екипи сè уште трагаат по другото.
Евакуации и проблеми во сообраќајот
Во Истр, на околу педесет километри западно од Марсеј, беа спроведени евакуации. Локалните власти потврдија дека жителите од поплавените домови се преместени во спортска сала. Градот Линел, во департманот Еро, беше погоден од силни дождови и грмотевици. Градските служби згрижија околу петнаесет лица во прифатен центар. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат автомобили потопени до прозорците.
Железничкиот сообраќај кон и од градот останува во прекин. Во пошироката област на Марсеј, делови од автопатиштата се поплавени, а некои пристапни патишта се затворени. Во самиот град, трамвајскиот сообраќај беше запрен вчера наутро.

