Зеленски е подготвен за средба со Путин во Турција: Знам дека претседателот Ердоган има свои врски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Турција и изрази надеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да помогне во организирањето на тие разговори. Во интервју за CNN Türk, Зеленски ги оцени директните преговори на претседателско ниво како неопходни, бидејќи претходните контакти меѓу двете страни не успеаја да ја запрат војната, пишува „Киев пост“.
Безбедносни гаранции
„Подготвени сме за оваа средба во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа ја поддржуваме идејата средбата да се одржи во Турција“, рече Зеленски. Тој смета дека средба „лице в лице“ би можела да помогне во решавањето на прашањата што останаа отворени за време на преговорите меѓу делегациите и техничките работни групи.
„Токму затоа сакам да се сретнам со него – како со човек кој носи одлуки“, рече тој. Според него, главни теми на евентуалната средба би требало да бидат прекинот на огнот и механизмот за следење на почитувањето на договорот.
Тој додаде дека лидерите би требало да разговараат и за безбедносните гаранции, обновата на Украина и статусот на окупираните територии. Сепак, Зеленски ги отфрли барањата на Путин Украина да го предаде Донбас или да го признае Крим како руска територија, нагласувајќи дека таквите отстапки би биле во спротивност со украинскиот Устав.
Покана за самитот
Зеленски се осврна и на можноста за учество на самитот на лидерите на Г20 во Мајами, кој ќе се одржи во декември. Тој изјави дека Украина сè уште нема добиено официјална покана од Вашингтон, но дека постојат сигнали оти американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја покани Украина како дел од иницијатива за ставање крај на војната.
„Се разговараше за можноста претседателот Трамп да нè покани на самитот на Г20 и, можеби, да предложи иницијатива за завршување на војната. Се разбира, доколку Трамп испрати официјална покана, ние ќе ја прифатиме“, рече Зеленски.
Во септември, Соединетите Држави го поканија Путин на самитот, со што се отвори можност за средба меѓу рускиот лидер и Трамп. Кремљ претходно го одби предлогот на Зеленски за средба со Путин на маргините на тој собир. Американскиот шеф на дипломатијата, Марко Рубио, завчера изјави дека Вашингтон би можел да го покани Зеленски доколку неговото учество би можело да донесе позитивни резултати, а и Трамп не ја исклучи таа можност.
Судбината на Украина
Зеленски нагласи дека сите преговори за ставање крај на војната мора да ја вклучуваат Украина и ја отфрли идејата дека други земји би можеле да одлучуваат за нејзината иднина без учество на Киев.
„Тоа е невозможно. Не можете да одлучувате за судбината на Украина без Украина. Тоа би било неправедно и не би водело никаде. Нелогично е да се преговара за судбината на една земја без присуство на самата таа земја“, рече тој.
Зеленски додаде дека слични обиди на други лидери во минатото не вродиле со плод. Исто така, укажа на неуспехот на Русија да ги оствари своите првични воени цели.
„Русија, на пример, се сметаше себеси за суперсила и тврдеше дека ќе ја освои Украина за три дена. Сега влегуваме во петтата година од војната. Веќе пет години, Русија не успева да ја покори Украина“, рече тој. Зеленски заклучи дека ниту една трета земја нема право да преговара за прашања што се однесуваат на украинскиот суверенитет без директно учество на Украина.


