Зеленски потврди дека Украина стои зад нападите врз руски бродови кај Либија, објави снимки

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина стои зад нападот во кој потона рускиот брод „Меркури“ (Merkury) во близина на либискиот брег. Тој ја опиша операцијата како „пример за украински одговор на руската војна“, а во официјална изјава денеска наведе дека украинските сили погодиле и втора цел – рускиот товарен брод „МВ Ангара“ (MV Angara). Зеленски тврди дека Русија го користела овој брод за транспорт на оружје.
Според Зеленски, руската корвета „Меркури“ – еден од поновите бродови во флотата на Москва – потонала по напад изведен од седум поморски дронови од украинско производство.
Во истиот напад бил уништен и борбен хеликоптер „Ка-27“ (Ka-27). Зеленски изјави дека Украина ќе продолжи со своите операции во одредени поморски зони како одговор на руската агресија и ќе продолжи да развива сопствено вооружување.
Властите во источна Либија потврдија дека дошло до експлозија на руски брод закотвен во пристаништето. Во официјалното соопштение се вели: „Бродот се враќаше во Русија и беше закотвен за да наполни гориво и залихи. Се претпоставува дека бродот бил нападнат со дронови“.
Министерството за здравство на источна Либија соопшти дека сите членови на екипажот од нападнатиот товарен брод се спасени и добиваат медицинска помош. Локални извори доцна синоќа изјавија дека бројот на жртви меѓу либиските и руските државјани сè уште не е познат, додавајќи дека бродот бил закотвен во цивилно пристаниште во Бенгази.
Обединетите нации повикаа на спроведување независна истрага за нападите. Денеска Мисијата на Обединетите нации за поддршка во Либија (УНСМИЛ) изрази „сериозна загриженост“ во врска со нападот и побара „итна, независна и транспарентна истрага“.
„Либија не може да си дозволи, и не смее, да стане боиште за туѓи конфликти“, соопшти УНСМИЛ на платформата X.
Либија, земја богата со нафта, е поделена меѓу владата во Триполи и ривалската администрација на истокот уште од соборувањето на долгогодишниот владетел Моамер Гадафи во 2011 година.


