Зеленски: Ублажувањето на санкциите кон Русија го охрабрува Путин да продолжи со нападите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за ублажување на санкциите против Русија, оценувајќи дека таа му дава дополнителен поттик на рускиот претседател Владимир Путин да ја продолжи војната.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Зеленски наведе дека одлуката доаѓа во време кога Русија ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура, со цел да предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија непосредно пред зимата.
„Русија се обидува да остави милиони наши граѓани без електрична енергија и греење. Потребен е притисок за да се запрат овие напади“, порача Зеленски.
Тој оцени дека намалувањето на американскиот санкциски притисок и олеснувањето на мерките кон Москва, според него, само го охрабруваат Путин да продолжи со воените дејствија.
Зеленски нагласи дека Украина не смее да отстапи и дека напорите за завршување на војната мора да продолжат.
„Мораме да продолжиме да се обидуваме да ја завршиме војната, а не да му даваме на Путин причини да ја продолжува на неопределено време“, порача украинскиот претседател.


