Унгарија ќе им исплаќа пари на сопствениците на дизел-автомобили за да го ублажи ценовниот шок

До крајот на годината Унгарија ќе им исплаќа по 5.000 форинти месечно, односно околу 13 евра, на сопствениците на автомобили со послаби дизел-мотори, со цел да ги ублажи последиците од силниот раст на цените на горивото објавија лоакланите медиуми.

Дтжавата ќе им исплаќа пари на сопствениците на патнички автомобили со дизел-мотори со моќност до 110 киловати, односно околу 150 коњски сили. Сопствениците ќе добијат надомест за септември, октомври, ноември и декември, вкупно 20.000 форинти, што е околу 50 евра.

Унгарскиот парламент ја изгласа мерката оваа недела со 123 гласа „за“, 32 „против“ и девет воздржани. Владата проценува дека мерката ќе опфати речиси еден милион возила.

Повеќето сопственици нема да мора да поднесуваат посебно барање за да ја добијат субвенцијата. Унгарската даночна и царинска управа веќе располага со податоците што се користат за наплата на данокот на возила, па врз основа на нив ќе утврдува кој има право на надомест. Првите исплати се очекуваат во октомври.

Премиерот Петер Маѓар изјави дека мерката треба да ја надомести приближно разликата меѓу претходно заштитената цена на дизелот и сегашната пазарна цена при едно просечно месечно полнење на резервоарот.

„Владата ќе обезбеди директна и ефикасна помош за сопствениците на речиси еден милион дизел-возила и нивните семејства“, рече Маѓар.

Унгарската влада одлуката ја објаснува со особено силниот раст на цените на дизелот. На почетокот на септември просечната цена на литар дизел во Унгарија изнесувала околу 675 форинти, односно приближно 1,9 евра. И покрај поскапувањето, таа била пониска отколку во Полска, Чешка и Словачка.

Глобалниот пазар на дизел во последните месеци е под голем притисок. Снабдувањето е намалено поради војната и нарушувањата во поморскиот сообраќај на Блискиот Исток, ограничувањата на рускиот извоз и недостигот на резервни капацитети во рафинериите.

Мерката предизвика критики во Унгарија. Економистот Виктор Жидаи оцени дека со јавни пари се субвенционираат сопствениците на автомобили, додека во финансирањето на мерката учествуваат и луѓето кои користат јавен превоз, велосипеди или автомобили на бензин.

Владата најави дополнителна помош и за земјоделците, на кои до крајот на годината треба да им биде овозможено враќање на целокупната акциза за дизелот што се користи во земјоделството.

Scroll to Top