Доаѓа MacBook со екран на допир: Apple подготвува нов спектакл

Американскиот гигант испрати мистериозни покани со пораката „Pro and tell“ – покрај моќниот чип M6, се очекува и револуционерна промена кај неговите лаптопи.
Американската технолошка компанија Apple го најави својот втор специјален настан овој месец, закажан за 28 октомври. Експертите очекуваат претставување на нови модели на лаптопи MacBook Pro, при што е можно да биде вклучена и верзија со екран на допир.
Поканите испратени до медиумите го содржат слоганот „Pro and tell“, што дополнително укажува на воведување нови уреди во серијата MacBook Pro, пренесува GSM Arena.
Ова е игра на зборови заснована на фразата „Show and tell“ – термин што често се користи во училиштата за да се опише чинот на покажување некој предмет и негово објаснување пред присутните.
Според Марк Гурман од Bloomberg, Apple на настанот би можел да претстави и нов 14-инчен лаптоп MacBook Pro, опремен со моќниот чип M6.
Претходно овој месец, Apple претстави нова линија уреди за паметен дом – вклучувајќи паметна брава, видео ѕвонче, термостат, сензори за температура и безбедносни камери – како дел од напорите за зајакнување на својата позиција на пазарот, на кој веќе доминираат Amazon и Google.
Овие нови производи, кои се дел од колекцијата „Apple Home Collection“, се очекува да бидат достапни од декември, а се развиени во соработка со компаниите LG Electronics и Schneider Electric.
Според медиумските извештаи, новите уреди ќе се поврзуваат со централниот систем на Apple за паметен дом, наречен HomeView.

