Пристигна функцијата што сите ја очекуваа: WhatsApp воведува пораки што исчезнуваат штом ќе ги прочитате

WhatsApp тестира нова опција „Види еднаш“ (View Once) за текстуални пораки на Android.
WhatsApp веќе им овозможува на корисниците да испраќаат фотографии, видеа и гласовни пораки кои „самоуништуваат“ откако примачот ќе ги погледне или преслуша. Компанијата во текот на изминатите неколку месеци тестираше текстуални пораки со опција „види еднаш“, а оваа функција сега е достапна за корисниците на бета-верзијата на Android.
Оваа информација доаѓа од WABetaInfo, кои известуваат дека функцијата за еднократни текстуални пораки е сега достапна за одредени корисници во бета-верзијата 2.26.45.6 на апликацијата WhatsApp за Android.
Функцијата на WhatsApp за еднократен преглед за текстуални пораки функционира на ист начин како и за фотографиите, видеата и гласовните пораки. Кога корисникот ќе испрати текстуална порака со опција за еднократен преглед, а примачот ќе ја прочита, пораката исчезнува од уредот на примачот.
За да испратите текстуална порака со опција „види еднаш“, внесете го текстот во полето за пораки, притиснете и задржете го копчето за испраќање, а потоа изберете ја опцијата View Once. Првиот пат кога ќе го направите ова, WhatsApp ќе прикаже известување со информации за пораките од типот со еднократни текстови. Кликнете „OK“ за да продолжите.
Текстот испратен како еднократна порака не се појавува автоматски во разговорот. Мора да допрете на него за да го прочитате, при што тој се отвора во посебен прозорец. Откако примачот ќе ја затвори пораката, тој повеќе не може повторно да ја отвори. WhatsApp исто така ја означува пораката како отворена, со што го известува испраќачот дека примачот ја прочитал — под услов да се вклучени потврдите за читање (т.н. „сини штикли“).
Откако пораката ќе се отвори, таа повеќе не е достапна ниту за испраќачот, ниту за примачот. Понатаму, примачот не може да ја копира, проследи (forward) или зачува пораката. Дополнително, WhatsApp го блокира правењето слики од екранот (screenshots) и снимањето на екранот во рамките на апликацијата додека примачот ја гледа пораката, што ја прави оваа опција идеална за споделување чувствителни информации. Сепак, секогаш постои можност некој да употреби посебна камера или друг телефон за да ја фотографира содржината на пораката; ниту WhatsApp, ниту испраќачот не можат да го спречат тоа.
Според WABetaInfo, текстуалните пораки наменети за еднократно читање не можат да се закажат за подоцнежна достава. Останува да се види дали тоа ќе се промени до моментот кога оваа функција официјално ќе им биде достапна на сите корисници.



