Петок, 6 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Амбасадата на Грција го најавува концертот на Maria Kostraki – Mosaico Mediterraneo

Амбасадата на Грција во Скопје со задоволство го најавува концертот на ансамблот Maria Kostraki – Mosaico Mediterraneo, којшто ќе се одржи во Филхармонијата на Република Северна Македонија, во сабота, на 7 ноември, со почеток во 20:00 часот. Поради големиот интерес кај јавноста, концертот ќе биде отворен за сите посетители и ќе се одржи во Големата концертна сала на Филхармонијата на Република Северна Македонија.

Веќе илјадници години Медитеранот претставува место на средба на народи, култури и традиции, од кои секоја придонела за создавањето на неговото богато музичко наследство. Концертот ја слави оваа разновидност, обединувајќи музички традиции од целиот Медитеран преку современа интерпретација на заедничкото културно наследство. Публиката ќе има можност да ги открие емоциите и страстите што ги поврзуваат различните култури низ вековите и музичките жанрови, потсетувајќи нè дека музиката е безвременска и универзална.

Посебно место во програмата има грчката музика, преку песните на Манос Хаѕидакис, чиј музички опус е во фокусот на чествувањето што го организира Министерството за култура на Грција во 2026 година. Богатата музичка програма ја надополнуваат дела од Шарпантје, Монтеверди, Качини, Серано, Росини, Сати, Рота, Караиндру и Маркопулос, како и традиционална музика.

Mosaico Mediterraneo е ансамбл посветен на медитеранската музика во сите нејзини облици, надминувајќи ги географските граници и вообичаените музички жанрови. Неговиот репертоар опфаќа дела од средниот век, ренесансата, барокот и романтизмот, истовремено вклучувајќи ги и народните традиции на Јужна Европа, звуците и ритмите на Блискиот Исток и Африка, како и современото грчко музичко творештво. Во изминатите години, ансамблот настапувал во бројни градови низ Европа.

Maria Kostraki е грчка лирска сопранистка со постојано живеалиште во Минхен. Покрај успешната кариера во областа на класичната музика, таа се истакнува и со своите интерпретации на грчката музика, особено на песните на Манос Хаѕидакис, со кои изгради препознатлив уметнички израз. Нејзините настапи вклучуваат концерти во античкиот Одеон во Атина, како и во концертните сали во Атина и Тесалоники. На оперската сцена настапила во „Боеми“ со Државниот симфониски оркестар на Тесалоники и во продукцијата на „Орфеј“ на Грчката национална опера. Нејзините настапи ја одведоа и до престижниот Карнеги хол во Њујорк.

Antonis Sousamoglou е концерт-мајстор на Државниот симфониски оркестар на Тесалоники и истакнат виолинист, композитор и аранжер. Неговата богата уметничка кариера вклучува солистички настапи во реномирани концертни сали, значајна дискографија како автор и аранжер, како и соработки со сите водечки грчки оркестри.

Поврзани вести