Вторник, 17 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Бран реакции за изборот на Роберт Патисон: Не може Бетмен да биде и Бонд

По неколкунеделни шпекулации, пристигна официјална потврда: Роберт Патинсон е новиот Џејмс Бонд. Веста дека 40-годишниот британски актер ќе го наследи Даниел Крег ја потврди студиото „Amazon MGM“. Со тоа, Патинсон станува седмиот актер што ќе го толкува ликот на славниот агент 007 во официјалниот филмски серијал.

Патинсон, познат по улогите во филмскиот серијал „Самрак“ (Twilight), „Бетмен“ (The Batman) и „Хари Потер и Огнениот пехар“, ќе ја преземе една од најкултните улоги во историјата на филмот. Ова ќе биде уште една соработка со режисерот Дени Вилнев, со кого работеше на филмот „Дина: Трет дел“ (Dune: Part Three), чија премиера се очекува подоцна оваа година.

Изборот на новиот Бонд предизвика бран реакции на социјалните мрежи. Додека некои се воодушевени од одлуката, други сметаат дека Патинсон не е вистинскиот избор за улогата на славниот таен агент. Меѓу оние што ја поздравија одлуката е и извршниот директор на „Amazon“, Енди Џеси.

„Возбуден сум што Роберт Патинсон е новиот Џејмс Бонд. Тој е еден од најразновидните актери на својата генерација; не се плаши да прифати неочекувани улоги и постојано изненадува со своите изведби“, напиша тој.

Многу обожаватели го делат ова мислење. „Ова е навистина одличен избор“ и „Овој човек моментално е најдобриот актер во Холивуд“ се само дел од позитивните коментари.

Од друга страна, некои обожаватели сметаат дека Патинсон не е добар избор. Некои се прашуваат дали тој поседува доволно шарм и харизма за улогата на Џејмс Бонд. „Бонд е некој што привлекува внимание штом ќе влезе во просторијата. Идрис Елба или Хенри Кавил би биле подобри избори за улогата“, напиша еден корисник.

Британскиот водител Пирс Морган исто така упати критики. „Бетмен не може да биде и Бонд. Требаше да изберат некој непознат. Лоша одлука“, напиша тој.

Многумина сметаат дека улогата требало да му припадне на некој друг; меѓу имињата што се споменуваат се Хенри Кавил и Том Хидлстон.

„Ужасно. Не. Хенри Кавил беше вистинскиот избор“, коментираше еден корисник. „Ми се допаѓа Роберт Патинсон, но не можам да го замислам како Бонд. Можеби ќе ме изненади. Според мене, Идрис Елба би бил одличен Бонд“, додаде друг.

Еден корисник смета дека Патинсон во последно време прифаќа премногу слични улоги. „Патинсон одигра премногу слични ликови во краток временски период. Актерот што го игра Џејмс Бонд треба да биде некој кого ќе го погледнете и веднаш ќе помислите: ’Тоа е Џејмс Бонд‘ – исто како што беше случајот со Даниел Крег. Ова е само Роберт Патинсон во шпионски костум“, напиша тој.

Новиот, 26-ти филм за Џејмс Бонд сè уште нема официјален наслов. Режисер ќе биде Дени Вилнев, а сценариото го потпишува Стивен Најт, креаторот на хит-серијата „Peaky Blinders“. Продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман, додека Тања Лапоинт е извршен продуцент.

Остатокот од актерската екипа, дејството на филмот и датумот на премиерата остануваат непознати. Сепак, изборот на Роберт Патинсон за новиот агент 007 веќе предизвика голем интерес во јавноста.

Поврзани вести