Дали хибискусот треба да се крои во зима? Што велат експертите

Ако сакате вашиот хибискус да ја преживее зимата, мора да ги следите овие совети и упатства за нега.
Прекрасните цветови на хибискусот се сон на секој градинар. Сепак, одржувањето на хибискусот во текот на целата година може да биде предизвик, бидејќи станува збор за растение кое потекнува од потопли климатски услови.
Но, не паничете – со соодветни техники на кроење, можете да му помогнете на вашиот хибискус успешно да ја помине есента и зимата.
Запознајте го вашиот хибискус
Постојат два главни вида хибискус: отпорен (градинарски) и тропски.
„Отпорниот хибискус е сигурно повеќегодишно растение кое се враќа секоја година, создавајќи огромни, впечатливи цветови“, вели Сем Ниман, пејзажен дизајнер и основач на компаниите „Bleume“ и „Grown by Design“.
Сепак, во зависност од тоа каде живеете, можеби ќе претпочитате да засадите тропски хибискус, кој останува зимзелен и цвета континуирано.
Кога треба да се крои?
Отпорниот хибискус може да се крои доцна есен или во периодот од крајот на зимата до рана пролет. Ако живеете во постуден регион, најдобро е да ги оставите стеблата недопрени во текот на зимата; тоа помага да се заштити кореновиот дел (круната) од студот.
Тропскиот хибискус може да се крои во секое време од годината, под услов да нема ризик од мраз. Бидејќи не бара радикално кроење, фокусирајте се на обликување на растението и отстранување на сите мртви или оштетени гранки. „За млади растенија или растенија добиени преку размножување, препорачувам повремено да ги штипкате (кратите) новите изданоци, и тоа што е можно порано“, вели Стивен Мекфарлејн, регионален менаџер за пејзажно уредување во „Sandals Resorts“.
„Ова му помага на растението да развие погуста, грмушеста форма, што резултира со пообилно цветање.“
Како треба да се крои?
Кога станува збор за отпорниот хибискус, растението се крои до самата основа. Во пракса, тоа значи отстранување на старите стебла до нивото на почвата, оставајќи само неколку сантиметри при основата. Секоја пролет, од основата ќе изникнат нови изданоци.
Тропскиот хибискус може да се крои слично како и другите грмушки. Ниман препорачува користење остри ножици за кроење за да се скратат поединечни гранки таму каде што е потребно, наместо да се крои целото растение. Ова ја зачувува неговата природна форма и поттикнува здрав нов раст.
Мекфарлејн предлага сечењето да се врши на околу 0,6 см над пупката (јазолот) која е свртена кон надвор. Ова помага да се создаде пополно и побујно растение, со добра циркулација на воздухот и отворен центар.
Друг ефикасен метод е кроењето на различни нивоа.
„Со оваа техника, селективно скратуваме неколку гранки до околу половина од нивната должина, додека другите ги оставаме да продолжат да растат“, вели тој и додава:
„Ова спречува растението да стане премногу издолжено и ретко, а истовремено осигурува секогаш да има гранки што цветаат.“



