Изложба „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“ во Мала Станица

На 24 ноември со почеток во 13 часот во Мала Станица ќе биде отворена изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија.
Изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“ произлегува од богатата и разновидна колекција на Националната галерија на Република Северна Македонија. Таа опфаќа внимателно селектиран репертоар од околу 30 дела што го документираат и визуелно го претставуваат културното наследство на нашата земја, со посебен акцент на недвижното културно наследство – цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од различни региони на Македонија.
Изложените дела не ги откриваат само архитектонските и уметничките особености на претставените објекти, туку ја истакнуваат и нивната историска, документарна и културна вредност. Преку сликарските и цртачките сведоштва, посетителите ќе имаат можност да добијат увид во изгледот на старите градби, нивната просторна структура, архитектонските елементи и декоративните решенија, како и во промените на нивната состојба низ времето.
Меѓу авторите чии дела се застапени на изложбата се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници.
Тие твореле во различни временски периоди и уметнички контексти, а најголемиот дел од изложените дела потекнуваат од првата половина на XX век, период во кој македонската ликовна уметност се развивала во допир со традиционалните вредности и современите модернистички тенденции.
Покрај нивната несомнена уметничка вредност, делата имаат и особено значење како визуелни и документарни сведоштва за културниот простор на Македонија. Тие овозможуваат согледување на историскиот контекст, изгледот и особеностите на архитектонските објекти, но и на уметничките пристапи и ликовните техники применувани од авторите. Во таа смисла, секоја слика и секој цртеж претставуваат непосредно сведоштво за едно време и за културното наследство што го обликувало просторот во кој живееме.
Со овој изложбен концепт, Националната галерија отвора нов пристап кон интерпретацијата и презентацијата на сопствената колекција, откривајќи ја нејзината документарна димензија и потенцијалот на уметничките дела како сведоштва за културното наследство. Изложбата претставува можност за пошироката јавност повторно да го открие богатството и разновидноста на македонското културно наследство, согледано низ уметничкиот израз на авторите кои го забележале и овековечиле.
Раководител на изложбата: Маја Крстевска, виш кустос
Соработник: м-р Владимир Таневски, Кустос



