Изложба на порцелански кукли „Одрази“ на Филип Фидановски и Александар Рашковиќ

Изложбата на порцелански кукли „Одрази“ ќе се отвори на 27 ноември 2026 година (петок) во 19:00 часот во Културно информативен центар – КИЦ – Скопје. Автори се керамичарот Филип Фидановски (порцелан) и модниот дизајнер и костимограф Александар Рашковиќ (костим). На изложбата ќе бидат претставени 16 порцелански кукли. Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.
„Одрази“ е уметнички проект што ги поврзува керамиката и текстилот и воспоставува дијалог меѓу индустриското наследство и современото уметничко творештво. Проектот потекнува од истражувањето на Филип Фидановски за велешката фабрика за порцелан „Борис Кидрич“, позната и како „Југопорцелан“ и „Порцеланка“.
Таму се произведувале порцелански глави, раце и нозе за кукли, кои се извезувале во странство, а нивните тела и конечниот изглед се оформувале во други земји. Фидановски пронашол искршени делови од тие модели, од нив се изработени нови калапи и порцеланските делови повторно се создадени. Телата и костимите ги изработил Александар Рашковиќ, со современ дизајнерски пристап. Така куклите, кои со децении се гледале како увозни декоративни предмети, добиваат свој македонски идентитет.
Изложбата е придружена со каталог со текстови од авторот на проектот Филип Фидановски и од проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.



