Вторник, 27 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Потврдено е кој ќе настапи на полувремето на Супербоул во 2027 година

Раперот Џеј-Зи (Jay-Z) ќе настапи на полувремето на Супербоул во февруари, потврдија од НФЛ (NFL). Неговата компанија, „Roc Nation“, ја организира музичката програма за време на полувремето уште од 2019 година, но ова ќе биде првпат тој лично да настапи. Супербоул LXI ќе се одржи на 14 февруари на стадионот „SoFi“ во Инглвуд, во близина на Лос Анџелес, пренесува Би-Би-Си (BBC).

Џеј-Зи се приклучува на листата на големи музички ѕвезди кои настапиле на полувремето на Супербоул во последните години, меѓу кои се Бед Бани (Bad Bunny), Шакира, Џенифер Лопез, Бијонсе, Лејди Гага, Еминем, Кендрик Ламар, Ашер, Ријана, „The Weeknd“… Станува збор за еден од најгледаните музички настапи во светот, кој секоја година привлекува милиони гледачи.

Во 2025 година, Кендрик Ламар постави рекорд за најгледан настап на полувремето на Супербоул во историјата – настап за кој доби и награда „Еми“ за извонредна музичка режија.

YouTube · кликнете за да се вчита видеото

Излегува на сцената по 30-годишна кариера

Веста за настапот доаѓа по двата концерта што Џеј-Зи, чие вистинско име е Шон Картер, ги одржа минатиот викенд на стадионот „SoFi“ во Инглвуд, истото место каде што ќе се одржи и Супербоул. Тој со серија концерти ја одбележа 30-годишнината од објавувањето на неговиот деби-албум, „Reasonable Doubt“.

„Од албумот ‘Reasonable Doubt’ до настапот на полувремето на Супербоул – какво патување e тоа“, изјави Џеј-Зи.

„Триесет години музика, работа и култура, а сега и настап на најголемата светска сцена. Сè уште изгледа како остварување на сонот“, додаде тој.

Веднаш по објавата, започнаа шпекулации за тоа кој би можел да му се придружи на Џеј-Зи на сцената. Меѓу имињата што се споменуваат, се издвојува она на неговата сопруга, Бијонсе.

Самата НФЛ (NFL) дополнително ги поттикна шпекулациите за можните гости, наведувајќи во соопштение дека Бијонсе би можела да биде на врвот на листата на изведувачи што Џеј-Зи би можел да ги покани.

Во текот на својата кариера, Џеј-Зи има освоено 25 награди „Греми“, а во 2021 година беше примен во „Куќата на славните на рокенролот“ (Rock and Roll Hall of Fame). Тој е, исто така, првиот рапер што е примен во „Куќата на славните на текстописците“ (Songwriters Hall of Fame).

Поврзани вести