Среда, 21 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Четиригодишно дете е најмладиот милионер во државата

21.10.2026, 14:35

Четиригодишно дете е најмладиот примател на доход над еден милион денари во државата за 2025 година, покажува анализата на Управата за јавни приходи. Доходот го остварило од дивиденда, додека највозрасниот примател на милионски доход има 97 години и остварил приходи од пензија и од други извори.

Од УЈП денеска ги презентираа податоците за доходот на граѓаните за 2025 година.

УЈП изготви претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани, со вкупен бруто-доход од 612,9 милијарди денари и пресметан данок на личен доход од околу 39,8 милијарди денари.

Ефективната даночна стапка изнесува околу 6,5%, наспроти пропишаната стапка од 10%, поради даночните намалувања кај одредени видови доход.

„Во споредба со 2024 година, бројот на граѓани што оствариле оданочив доход е зголемен за 82.702 лица. Вкупниот бруто-доход и пресметаниот данок се повисоки за околу 14%. Најголемата група ја сочинуваат 638 илјади граѓани, односно приближно две третини од даночните обврзници, со годишен бруто-доход од 100 илјади до еден милион денари. Тие остваруваат 55% од вкупниот бруто-доход. Од друга страна, 16% од обврзниците, со доход од еден до десет милиони денари, остваруваат 39% од вкупниот доход“.

Посебно внимание според соопштеното, привлекува највисокиот доходовен праг.

„Во 2025 година, 31 граѓанин остварил годишен доход над 100 милиони денари, со вкупен износ од 4,973 милијарди денари. Во 2024 година, во оваа група имало 42 граѓани со вкупен доход од 6,753 милијарди денари. Значи, во највисокиот доходовен праг има намалување и на бројот на лица и на вкупниот остварен доход. Доходот не се создава само од плата. Околу две третини од вкупниот бруто-доход во 2025 година произлегуваат од плати. Пензиите учествуваат со 9,5%, а другите лични примања од работа со 8,2%. Доходот од земјоделски производи и од дивиденди и друг доход од капитал учествува со нешто помалку од 5%, додека добивките од игрите на среќа, закупнините и другите доходи учествуваат со околу 2%. Остантите категории доход, како на пр.доход од самостојна дејност, имаат многу мало учество, под 1%. Плата оствариле околу 596 илјади граѓани, доход од самостојна дејност оствариле 15 илјади, а од продажба на сопствени земјоделски производи – 49 илјади граѓани. Дивиденди се исплатени на 33 илјади лица, а 145 илјади оствариле друг доход, категорија во која влегуваат и доходи од продажба на цврст отпад, електронска трговија и други оданочиви извори. Околу 33 илјади лица оствариле доход од закупнини, а 114 илјади биле добитници од игри на среќа. Капиталните добивки се ретки – две илјади лица, но неколку продажби на удели и хартии од вредност носат стотици милиони“.

Според регионалните податоци Скопје учествува со 36% во вкупниот број годишни даночни пријави, но со 43% во остварениот бруто-доход. Просечниот годишен доход по пријава во Скопје изнесува 846 илјади денари и е највисок меѓу регионите. Битолскиот регион, пак, има помал број граѓани кои оствариле оданочив доход во однос на Штип и Прилеп, но повисок просечен годишен доход по пријава, односно по граѓанин во однос на Штип и Прилеп.

На долното ниво се наоѓаат тетовскиот и струмичкиот регион, со најмало учество и по број на граѓани кои пријавиле оданочив доход и по учеството во вкупниот бруто доход на национално ниво.

„Интересни се и податоците за највисоките поединечни доходи. Највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милион денари, додека највисоката дивиденда е 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари. Кога станува збор за вкупен доход од сите извори, највисокиот доход во 2025 година изнесува 257,5 милиони денари и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход. Следува граѓанин од Охрид со 254,4 милиони денари. Податоците се основа за подобро следење на ефектите од даночните политики, процена на даночните ризици и откривање можни случаи на непријавен или неточно пријавен доход.

Колку подобро ја познаваме реалната даночна слика, толку повеќе се потпираме на факти. Тоа е основата за транспарентен, поефикасен и поправичен даночен систем“, велат од УЈП.

Поврзани вести