Шојгу: Западот користи санкции, закани и уцени за да ја ослаби Русија

Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, денес изјави дека западните земји користат различни механизми на притисок врз Русија, од пропаганда и економски санкции до воени закани и уцени, со цел да ја ослабат нејзината меѓународна позиција и економски потенцијал.
На состанок посветен на мерките за сузбивање, како што е наведено, на деструктивните активности на невладините организации што работат на територијата на Русија, Шојгу оцени дека западните земји се обидуваат да го намалат угледот на Москва на меѓународната сцена.
„За да се намали угледот на Русија на светската сцена и да се ослабне нејзиниот економски и одбранбено-индустриски потенцијал, се користат сите механизми на деструктивно дејствување: неодговорна русофобна пропаганда, нелегални и бројни економски санкции, зајакнување на воените сили во близина на нашите граници, агресивна реторика, директни закани и уцени“, рече Шојгу, пренесува Спутник.
Според него, западните земји се обидуваат да ги ограничат можностите на Русија за надворешна економска и политичка соработка, додека, како што тврди, тие посегнуваат и по нелегални методи.
Шојгу го обвини Западот за спроведување на она што го нарече „отворено криминални“ процедури, наведувајќи насилно запленување на имот, пиратство, како и екстремистички и терористички активности.
Тој оцени дека во такви околности, Русија мора да дејствува превентивно и да развива системски мерки за заштита на своите интереси.
„Ги разбираме плановите на противникот и мора да дејствуваме превентивно, навремено осмислувајќи и ефикасно спроведувајќи сеопфатни и систематски контрамерки“, изјави тој.
Зборувајќи за политиката на европските земји, секретарот на Советот за безбедност на Русија оцени дека нивните лидери се одлучиле за милитаризација и дека, според него, тие сè повеќе ги претставуваат интересите на компаниите од воената индустрија.
Тој ги обвини европските политичари дека ја ставаат поддршката за Украина и спротивставувањето на Русија пред потребите на сопствените граѓани.
„Многу од нив отворено велат дека интересите на нивните граѓани се на второ место, додека на прво место е продолжувањето и бескрајната поддршка на сè што е поврзано со нацистичкиот режим во Киев, или, едноставно кажано, сè што е поврзано со спротивставувањето на Русија“, рече Шојгу.
Тој исто така изјави дека разузнавачките служби на земјите што Москва ги смета за непријателски ги интензивираат активностите насочени кон дестабилизација на социо-политичките услови во руските региони.
„Во услови на напната меѓународна ситуација, предизвикана од слабеењето на влијанието на поддржувачите на глобализацијата и формирањето на мултиполарен светски поредок, непријателските земји продолжуваат да водат агресивна антируска политика“, рече Шојгу.
Според неговата проценка, странските разузнавачки служби систематски ги зголемуваат своите напори насочени кон нарушување на стабилноста во Русија.



