ДOМ: Граѓаните не живеат од проценти – бараме економија што носи пристојни плати, чист воздух и европски институции

„Владата деновиве се пофали со позитивни извештаи од Светската банка и економски раст од 4,3% во вториот квартал. Ова се добри вести за статистиката, но останува клучното прашање: кога граѓаните ќе го почувствуваат овој раст во своите паричници, во болниците и во воздухот што го дишат“, велат од ДОМ.
„Современите европски демократии одамна не го мерат успехот само преку Бруто Домашниот Производ (БДП). Растот нема никаква вредност ако истовремено растат цените во маркетите, ако младите дишат отровен воздух и ако граѓаните губат денови во бирократски лавиринти.
Затоа, ДОМ не бара само дебата за проценти, туку бара од Владата итно воведување на Индекс за квалитет на живот (Well-being Index) при креирањето на буџетот.
Позитивните економски движења мора веднаш да се преточат во:
• Зелени и сигурни работни места, а не само евтина работна сила: Бараме државните субвенции за странски и домашни инвестиции директно да се условат со висината на платите што тие ги даваат и нивното влијание врз животната средина. Растот мора да ја победи инфлацијата!
• Еко-дигитализација, а не скапи и енергетски-расипнички мега проекти: Бараме паметно поедноставување на услугите за граѓаните, но преку одржлива „зелена дигитализација“. Ефикасна држава не се прави со милионски тендери за огромни дата-центри кои голтаат енормна електрична енергија и вода, туку со оптимизација на постоечките ресурси. Граѓанинот треба да заврши работа брзо, но без државата да создава нов еколошки товар.
• Здравјето и природата пред профитот: Бараме еколошките такси што ги плаќаат загадувачите и граѓаните да бидат строго наменски. Секој денар собран од загадување мора да се врати во зелена инфраструктура, енергетски ефикасни домови и чист транспорт.
• Квалитетни јавни услуги достапни за секого: Економскиот развој мора да значи реновирани училишта и опремени клиники, а не само нови асфалтирани патишта пред избори.
Светската банка порачува дека ни требаат структурни реформи. ДОМ порачува дека тие реформи мора да имаат човечки лик. Граѓаните на Македонија не сакаат само да слушаат дека економијата расте – тие сакаат да живеат во држава каде што тој раст им овозможува европски животен стандард, економска сигурност и здрава животна средина“, се наведува во соопштението на ДОМ.


