Среда, 18 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

МАСИТ: Агентската вештачка интелигенција отвора нова ера за бизнисот и македонската ИКТ-индустрија

Со учество на домашни и меѓународни експерти, претставници на водечки светски технолошки компании и деловната заедница, денеска во Скопје започна годишната конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, посветена на агентската вештачка интелигенција (Agentic AI) и промените што таа ги носи во начинот на кој работат компаниите и функционира современото општество.

Во фокусот на конференцијата е новата фаза во развојот на вештачката интелигенција, во која интелигентните системи добиваат можност самостојно да планираат и извршуваат сложени задачи, да користат различни дигитални алатки и да учествуваат во деловните процеси со значително поголем степен на автономија. Преку презентации, разговори и панел-дискусии, учесниците ги разгледуваат можностите што ги отвора оваа технологија, но и прашањата поврзани со нејзината примена, контролата и одговорноста.

Конференцијата започна со сценскиот перформанс „Протокол 2031“, оригинален уметнички концепт што ја пренесе публиката во Скопје во 2031 година. Преку соочување на два лика во свет во кој автономните интелигентни системи имаат сè поголемо влијание врз човечките одлуки, перформансот ја отвори дилемата за границите на технолошката автономија, човечката контрола и иднината на односот меѓу човекот и машината.

Во воведното обраќање, претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека брзината на технолошките промени бара постојано приспособување, инвестирање во знаење и развој на нови вештини. Тој нагласи дека македонската ИКТ-индустрија има сериозен потенцијал да биде активен учесник во глобалните процеси, поткрепувајќи ја оваа оценка со резултатите од последната анализа на МАСИТ.

„Една работа е сигурна: во нашата индустрија, ако престанеш да се менуваш, многу брзо стануваш дел од минатото. Според анализата на МАСИТ за 2025 година, македонскиот ИКТ-сектор брои 3.367 активни компании и повеќе од 24.000 вработени. Вкупните приходи достигнаа 1,77 милијарди евра, а извозот 676 милиони евра. Во однос на 2020 година, извозот е зголемен за речиси 193 проценти. Дополнително, дејноста „Информации и комуникации“ учествува со околу 5,1 процент во бруто-домашниот производ на државата. Ова се сериозни резултати“, истакна Димитровски.

Првиот дел од конференцијата беше посветен на националните капацитети за развој на вештачката интелигенција и на конкретните можности за нејзина примена во деловното работење.

На разговорот на тема „Националната фабрика за вештачка интелигенција и што значи таа за бизнисот“ учествуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Петре Ламески. Разговорот го модерираше Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на МАСИТ. Во фокусот беа можностите за развој на националната инфраструктура за вештачка интелигенција и нејзиното значење за компаниите, истражувањето и технолошкиот развој.

Следуваше главното предавање на Маријан Кориенек, директор за корпоративен бизнис за Централна и Источна Европа и Централна Азија во Lenovo Infrastructure Solutions Group, на тема „AI Enterprise: From Compute to Data“. Предавањето беше посветено на технолошката инфраструктура, податоците и предусловите за практична примена на вештачката интелигенција во компаниите.

Посебно внимание привлече и првата панел-дискусија, „Следната генерација на бизнисот: човекот, технологијата и новата ера на AI“, на која учествуваа проф. д-р Жан Митрев, кардиоваскуларен хирург, Дарко Пејчинов, генерален менаџер на InVita Healthcare Technologies Балкан, и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. Под модераторство на Жарко Димитриоски, партнер и креативен директор во BDG, панелот ги отвори прашањата за влијанието на новите технологии врз здравството, управувањето со големи системи и трансформацијата на деловните процеси.

Конференцијата продолжува со презентации и панел-дискусии посветени на технолошките иновации, новите деловни модели и влијанието на агентската вештачка интелигенција врз економијата и општеството.

Поврзани вести