„Билд“: Русија планирала напад во Полска и сакала да ја обвини Украина

Полската гранична полиција, разузнавачките служби и елитните воени единици биле ставени во состојба на готовност поради информации за наводна руска операција во близина на границата со Калининград, пишува германски „Билд“.
Според информациите што првично ги објавил полскиот весник „Жечпосполита“, повикувајќи се на високи извори од војската и безбедносните служби, руските разузнавачки служби кон крајот на октомври или почетокот на ноември планирале саботажа на полска територија, со намера одговорноста да ѝ ја припишат на Украина.
Планот наводно предвидувал руски диверзанти да влезат во Полска и да извршат напад со голем број жртви, по што на местото на нападот би биле оставени подметнати докази што би укажувале на украинска вмешаност.
„Имавме информации за точните локации што требаше да бидат нападнати. Рускиот план предвидуваше голем број жртви“, изјавил еден од изворите за „Жечпосполита“.
Друг извор го споредил планот со инцидентот во Глајвиц од 1939 година, кога нацистичка Германија организирала напад под лажно знаме. Според него, целта на наводната операција била да се запре помошта за Украина.
Полските власти презеле превентивни мерки откако партнерските разузнавачки служби ја предупредиле Варшава. Биле засилени полициските и граничните сили, распоредени дополнителни разузнавачи и одржани вежби на специјалните единици.
На 3 ноември, полскиот премиер Доналд Туск потврдил дека на полско-руската граница била забележана „сомнителна активност“.
Полскиот министер и координатор на специјалните служби Томаш Шемоњак не открил детали за потенцијалните цели на нападот, но потврдил дека заканата била сфатена сериозно.
„Ако презедовме одредени мерки, тоа е затоа што сметавме дека заканата е реална“, изјавил Шемоњак, додавајќи дека достапните докази ги оправдувале преземените мерки.
