Пенков: Следната фаза е постигнување раст на БДП повисок од 4% и постепено да се зголемува

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Пенков, на денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет, посочи дека за да се развива држaвата не смее да има никакви ограничувања во делот на преземање мерки и активности за да се забрза економскиот развој, а како што вели и за повисоки стапки на раст, како и подобар животен стандард. Според него, тоа се оптималните економски граници кои треба да се дефинираат, а ги истакна и детерминираните проекции во Предлог буџетот за 2027 година.
„Вкупните приходи се детерминирани на 395,4 милијарди денари, а вкупните расходи на 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит 45 милијарди денари, капиталните расходи 40,8 милијарди денари, даночни приходи 223,1 милијарда, а социјалните трансфери 220,8 милијарди денари. Исплатата на пензиите е детерминирана на 123,8 милијарди денари. Растот на буџетските приходи 5,7%, а на расходите 4,8. Буџетскиот дефицит 3,5% од бруто домашниот производ. Проектираниот реален економски раст 3,8% поени при проектирана инфлација од 3,2“, рече Пенков и додаде:
„Проекцијата за растот на бруто домашниот производ за наредната година поткрепено со продолжувањето на инвестицискиот циклус во инфраструктурата, процесот на дигитализацијата, растот на платите, пензиите, модернизација на земјоделството, поддршка за младите, повеќе пари за социјална политика и сето ова почитувани мои колешки и колеги во услови на доспеани обврски ако внимателно го следев колегата Стојаноски некаде околу 2,4 милијарди евра. Секоја нормална држава знае дека тие обврски мора, доспеани обврски мора да се да се платат во услови кога имаме високи стапки на раст на бруто домашниот производ во неколку последователни квартали“.
Според него, постои одлична база и подготовка, а резултатите се и видливи со цел како што вели, да може да се премине на следната фаза, а тоа е постигнување раст на БДП повисок од 4% и постепено да се зголемува.
„Основата на ова значи дека повисокиот раст означува повеќе новосоздадена вредност и притоа врската помеѓу реализацијата на буџетот со приватниот сектор е најважниот сегмент на економската логика, најважниот сегмент на економската политика. Основата секако треба да биде домашното производство, секако треба да биде извозот, при обезбедена фискална стабилност. Еве ја фискалната стабилност. Таа треба да ни биде основа. Таа треба да ни биде основа за повисок економски раст“, истакна Пенков.



