Сабота, 7 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

11 пријави за семејно насилство за едно деноноќие, приведени осомничени во повеќе градови

Во изминатото деноноќие на територијата на целата држава биле регистрирани 11 пријави за семејно насилство, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во неколку од случаите полициски службеници лишиле од слобода лица осомничени за насилство, додека по останатите пријави се преземаат мерки за расчистување на настаните.

Во ОВР Прилеп, вчера жена пријавила дека подолг период била следена и вознемирувана од нејзиниот поранешен партнер, кој доаѓал на нејзиното работно место, ја следел до домот и ѝ испраќал пораки со навредлива содржина.

Во село во општина Ново Село, полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 62-годишен маж, постапувајќи по пријава дека агресивно се однесувал кон неговата 57-годишна сопруга во семејниот дом.

Во Полициската станица Струмица, 65-годишен маж пријавил агресивно однесување од страна на неговиот 33-годишен син, кој бил спроведен во медицинска установа за лекување.

Ноќта на 7 ноември 2026 година, во струмичко село, полициски службеници лишиле од слобода 38-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга, по што неа и нивните малолетни деца ги истерал од семејниот дом.

Во Велес, полициски службеници лишиле од слобода 45-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на неговата поранешна 45-годишна сопруга.

Во Злетово, полициски службеници од ОВР Пробиштип лишиле од слобода 49-годишен маж, по пријава од неговата 37-годишна партнерка дека физички ја нападнал.
Во Гостивар, полициски службеници лишиле од слобода 42-годишен маж, по пријава од неговата 38-годишна сопруга за кривично дело „телесна повреда“.
Во СВР Охрид, 41-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг телефонски ѝ упатувал навреди и закани додека била на работа.

На подрачјето на Чаир во Скопје, полициски службеници лишиле од слобода 51-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал неговата 47-годишна сопруга.

На подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје, 19-годишник пријавил дека бил физички нападнат и дека му биле упатувани закани од неговата поранешна 17-годишна партнерка, која ја оштетила и влезната врата од домот, како и неговото патничко возило.

На подрачјето на Центар во Скопје, 19-годишна жена пријавила дека нејзиниот 49-годишен татко упатувал закани кон неа и нејзината мајка.

Од МВР посочуваат дека по пријавените случаи се преземаат мерки за нивно целосно расчистување и документирање, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Министерството за внатрешни работи упатува апел до граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навреме да го пријавуваат секој случај. Секој што е жртва на семејно насилство, но и секој што има сознанија дека друго лице е изложено на насилство, може да пријави во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

Поврзани вести