Сабота, 31 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Алта банка Битола: Средствата на клиентите се сигурни

Алта банка АД Битола ја информира јавноста дека е ликвидна и продолжува со редовно работење, по случувањата поврзани со Алта банка во Србија. Од банката посочуваат дека се самостојно правно лице, регистрирано во Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка.

„Алта банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати функционираат нормално, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства“, наведуваат од банката.

Оттаму уверуваат дека граѓаните можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции под вообичаените услови.

Од банката нагласуваат дека случувањата во Србија не значат автоматска промена на финансиската состојба или правниот статус на банката во Битола. Посочуваат и дека околностите во Македонија се суштински различни од оние во Србија и дека банката не е предмет на политички притисоци и пресметки какви што, според нив, ги одбележале случувањата кај соседот.

„Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка“, се наведува во соопштението.

Од Алта банка потсетуваат дека депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.

Банката порачува дека останува посветена на заштитата на интересите на клиентите, финансиската стабилност и одржувањето на довербата, уверувајќи ги граѓаните дека нивните средства им се достапни и дека нема ограничувања во користењето на банкарските услуги.

Поврзани вести