Баталјонот за почести го одбележа 11 Ноември – Денот на единицата

Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот за почести со воена свеченост го одбележаа 11 Ноември – Денот на единицата.
На денешната свеченост присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик- министерот за одбрана Адмир Шабани, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Првата механизирана пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, команданти на единиците во составот на Армијата, претставници од Сојузот на борците, како и голем број поранешни припадници на Баталјонот за почести.

По тој повод пред присутните се обратија началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на Баталјонот за почести потполковник Игор Милчов.
Началникот на Генералштабот на Армијата во своето обраќање истакна дека Баталјонот има одговорна мисија која директно ги претставува угледот и авторитетот на Армијата, институционалниот и националниот идентитет на татковината. Потсетувајќи на историските корени од Првата македонско-косовска ударна бригада и Првата гардиска бригада, началникот порача дека традицијата се одржува преку личен пример и врвен професионализам.
„Вашата мисија не остава простор за импровизација, ниту дозволува компромис со квалитетот. Во вашата служба нема мала или голема задача – беспрекорноста мора да биде ваш секојдневен професионален стандард“, нагласи началникот на Генералштабот.

Упатувајќи признание до припадниците на Баталјонот за почести, за нивната улога во афирмацијата на Армијата и државата, им го честиташе празникот и им порача гардиските вредности – чест, храброст и посветеност, заедно со мотото „Lux Aeterna“ (Вечна Светлина), да продолжат да бидат нивен водич во службата.
Командантот на Баталјонот за почести, потполковник Игор Милчов, се осврна на реализираните задачи во изминатиот период, меѓу кои официјалните пречекувања со највисоки воени почести, церемониите за смена на државното знаме, билатералните соработки и другите протоколарни активности. Воедно го истакна придонесот на Воениот оркестар, чиј професионализам и посветеност доаѓаат до израз преку бројните протоколарни и меѓународни ангажмани, како и традиционалниот предновогодишен концерт. Притоа, во својот говор изрази благодарност за континуираната поддршка од претпоставената команда, како и за придонесот на сите припадници во градењето цврст колектив, заснован на гардиските вредности .

На денешната свеченост беа доделени стимулативни мерки на припадниците од баталјонот, кои во изминатиот период особено се истакнале во извршувањето на своите задачи. По повод заминувањето во пензија на наредник Горанчо Атанасовски му беше доделена Плакета во знак на благодарност за долгогодишната служба во Армијата.

Во пресрет на празникот беше реализирана хуманитарна акција во соработка со Црвениот крст, а беше спроведена и акција за доброволно дарување крв.
Баталјонот за почести го прославува Денот на единицата како носител на традициите на Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, формирана на 11 ноември 1943 година во селото Сливово.


