Лукаревска побара оставка од Славески: „Го урнисавте угледот на Народната банка“

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, упати сериозни критики до гувернерот Трајко Славески и побара негова оставка.
Лукаревска рече дека гувернерот ја поткопува една од најважните институции во државата и дека единствениот одговорен чекор што треба да го преземе е веднаш да си поднесе оставка.
„Гувернере, вие не само што го урнисавте угледот на Народната банка, вие сериозно го поткопувате темелот на исклучително битната институција во државата. Наместо да ја штитите, вие ја разнишавте довербата во банкарскиот сектор. Гувернер на Народна банка е една од најстабилните личности во општеството, бидејќи има поголем мандат од една влада, пратеник, претседател на држава, советник, градоначалник. Тоа вие не сте од далеку. Затоа треба да си дадете оставка. Тоа е најмалку што можете да го направите и тоа веднаш, за општо добро“, истакна Лукаревска.
Лукаревска укажа и на, како што кажа, непостапувањето на гувернерот во однос на Комитетот за финансиска стабилност, како и последиците со кои се соочуваат клиентите на Алта банка.
„Вие сè уште до ден-денес го немате свикано Комитетот за финансиска стабилност, а тоа ви е обврска. Тоа е преседан. Сигурно знаете дека клиентите немаат можност за пристап до сефовите, немаат можност за ликвидација на кредити, немаат можност за добивање на каква било информација и сите се виновни освен вас. И новинарите и медиумите, граѓаните, опозицијата, само вие не“, рече Лукаревска.
Осврнувајќи се на комуникацијата на гувернерот со јавноста, Лукаревска рече дека наместо транспарентност, факти и прецизни информации, Славески ја префрла одговорноста врз другите и ја квалификува критиката како „хушкање“.
„И наместо факти и прецизни и точни информации, вие го користите зборот хушкање. Напразно се правдате и денес и тука затоа што нема оправдување за вашите пропусти коишто можат да предизвикаат цунами со несогледливи последици, бидејќи опасно го нишате столбот на монетарната политика“, нагласи Лукаревска.
Во продолжение, таа изнесе конкретни податоци за ликвидната актива и депозитите на Алта банка, поставувајќи го прашањето зошто на граѓаните им е ограничено повлекувањето средства на 10.000 денари, кога, според презентираните показатели, банката располага со ликвидност за справување со состојбата.
„Сега неколку информации. Банката има ликвидна актива од 5 милијарди денари со состојба 31.03.2026 година. Вкупни депозити на физички и правни лица 8,9 милијарди денари. Повеќе од доволно да го покрие ударот за повлекување на депозити. Вие ги ограничувате физичките лица на 10.000 денари кога банката има доволна ликвидност да се справи со постоечката состојба“, посочи Лукаревска.
Таа направи споредба и со кризата во Алта банка во 2018 година, кога банката имала помала ликвидна актива, а сепак успешно се справила со повлекувањето на депозитите.
„Банката ваква криза имаше и во 2018 година. Тогаш имаше ликвидна актива само 3,5 милијарди денари на вкупни депозити со ист износ од 8,9 милијарди денари. Тогаш имало повлекување од 3,5 милиони евра и во континуитет 10 дена по ред од 15 милиони евра и без проблем се изменаџирала состојбата. Јас ви зборувам со факти затоа што овде ги имам состојбите. Овдека се овие податоци, овдека се овие показатели коишто ги разобличуваат вашите секојдневни изјави што не соодејствуваат една со друга, бидејќи не ви помагаат ни прес-конференции“, рече Лукаревска.
Пратеничката на СДСМ побара од гувернерот конечно да даде конкретни одговори за одлуките на Народната банка, особено за датумот на преземањето на Алта банка и критериумите врз основа на кои е утврден лимитот за повлекување средства на граѓаните.
„Вие ми немате дадено одговор прецизен на кој датум е донесена одлуката за преземање на Алта банка. Сакам да добијам одговор исто така како го утврдивте токму износот од 10.000 денари лимит за повлекување на средства од граѓаните“, порача Лукаревска.




