Петок, 6 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Димитровски: Европската интеграција не смее да биде заложник на билатералните спорови

Земјите членки на ЕУ и Централноевропската иницијатива треба да покажат солидарност и да им подадат рака на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија на нивниот пат кон Европската Унија.

На Министерскиот состанок на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), што се одржа денеска во Букурешт, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, ја истакна потребата од забрзување на процесот на проширување на Европската Унија и од поголема солидарност и политичка поддршка за земјите кандидати од Западен Балкан, како и за Украина и Молдавија.

Димитровски нагласи дека европската интеграција мора да остане веродостоен стратешки приоритет и дека Северна Македонија останува цврсто посветена на членството во ЕУ, на спроведувањето на европските реформи и на целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Осврнувајќи се на искуствата на земјите од Централна и Источна Европа, тој потсети дека нивното пристапување во Европската Унија, покрај сопствените напори и реформи, беше овозможено и со поддршката и солидарноста на земјите членки на ЕУ, меѓу кои и основачките членки на Централноевропската иницијатива.

„Денес земјите од Западен Балкан, заедно со Украина и Молдавија, се посветени на остварување на истата европска амбиција. Но, дел од земјите кандидати, вклучително и Северна Македонија, сè уште се соочуваат со билатерални пречки во пристапниот процес, вклучително и пречки што произлегуваат од земји членки на самата Европска Унија, меѓу кои и членки на ЦЕИ“, истакна Димитровски.

Тој порача дека духот на солидарност, добрососедство и меѓусебно разбирање, кој придонесе за успехот на европската интеграција на земјите од Централна и Источна Европа, треба да биде водилка и во денешните односи со земјите кандидати.

„Очекуваме нашите партнери од Централноевропската иницијатива да ни подадат рака, да покажат политичка волја и да ги поддржат нашите напори за надминување на билатералните пречки. Европската интеграција не смее да биде заложник на билатерални спорови. Ова не е само прашање на солидарност со земјите кандидати, туку и инвестиција во стабилноста, безбедноста и иднината на целиот европски континент “, порача Димитровски.

На состанокот беше нагласено и значењето на регионалната соработка, поврзувањето, енергетската безбедност, зелената и дигиталната транзиција, јакнењето на демократските институции, владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Димитровски ја реафирмираше и непоколебливата поддршка на Северна Македонија за Украина, нагласувајќи дека мирот, територијалниот интегритет и почитувањето на меѓународното право мора да останат темелни принципи на европската безбедност.

На крајот, тој ја истакна потребата од посилна, повидлива и поефикасна Централноевропска иницијатива, со јасни приоритети и засилена соработка со Европската Унија и регионалните партнери.

Поврзани вести