Ферати со студентите на Правниот факултет при ЈИЕУ: гласот на младите треба да биде дел од процесите во кои се креираат политиките

Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, денеска прими група студенти од Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕУ), со кои разговараше за потребите и предизвиците на младите, како и за можностите за нивно поактивно вклучување во процесите на донесување одлуки и во општествениот живот.
За време на средбата, Ферати ги презентираше заложбите и приоритетите на Министерството во насока на унапредување на правичната застапеност и инклузивноста, нагласувајќи дека гласот на младите треба да биде дел од процесите во кои се креираат политиките и се носат одлуките што влијаат врз нивната иднина.
Тој ја изрази својата подготвеност одблиску да ги сослуша барањата и предлозите на студентите, како и да придонесе во изнаоѓањето конкретни решенија за прашањата што ги засегаат. Во овој контекст, беше истакната важноста на континуираниот дијалог и институционалната соработка.
Тој истакна дека, покрај досегашните постигнувања, заеднички предизвик останува создавањето еднакви можности, унапредувањето на квалитетот на образованието и изградбата на општество во кое младите ќе имаат простор и реални можности да придонесуваат.
Ферати ги охрабри студентите да продолжат посветено со студиите и да инвестираат во сопствениот професионален развој, подготвувајќи се за предизвиците на пазарот на трудот и за одговорностите што ги очекуваат во правните професии, како правници, адвокати, нотари, извршители, јавни обвинители и судии.
Едно од прашањата што ги покренаа студентите беше и правосудниот испит. Министерот Ферати истакна дека нивните барања заслужуваат сериозен и конструктивен пристап, притоа уверувајќи дека ќе се заложи за дијалог и соработка со надлежните институции, со цел разгледување на можностите за нивно соодветно решавање.


