Вторник, 17 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Минчев: Регионалното партнерство во функција на европските стандарди и подобри јавни услуги

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 18-тиот состанок на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, кој се одржа денеска во Белград, Република Србија.

На состанокот беше усвоен Буџетот на ReSPA за 2027–2028 година, како и годишниот финансиски план за 2027 година, со што се обезбедува континуитет на нејзината работа, програмите и активностите насочени кон унапредување на јавната администрација во земјите од Западен Балкан.

За Министерството за јавна администрација, ReSPA претставува значаен стратешки партнер во процесот на европска интеграција и спроведувањето на реформите во јавната администрација. Нејзината улога е особено важна преку реализацијата на специјализирани обуки, јакнењето на професионалните и раководните капацитети, експертската поддршка, регионалните проекти и размената на искуства и добри практики со земјите од регионот и Европската Унија.

Преку овие активности, ReSPA овозможува европските принципи и стандарди за добро управување да се преточат во конкретни знаења, вештини и подобрени институционални практики, што е особено значајно за унапредување на професионалноста и ефикасноста на администрацијата, модернизација на јавните услуги и градење институции кои се поодговорни, потранспарентни и поотворени кон граѓаните.

Регионалната димензија на ReSPA има дополнителна вредност бидејќи овозможува земјите од Западен Балкан заеднички да ги адресираат предизвиците во реформата на јавната администрација, да разменуваат искуства и да ги користат знаењата и експертизата на европските партнери. На тој начин, регионалната соработка станува важен механизам за побрзо приближување кон европските административни стандарди и зајакнување на подготвеноста на институциите за членство во Европската Унија.

На состанокот беа презентирани и главните постигнувања и активности на ReSPA во изминатиот период, вклучително и спроведувањето на нејзината програмска работа и соработката со партнерските организации.

Учеството на министерот Минчев ја потврдува заложбата на Министерството за јавна администрација за активно учество во регионалните иницијативи, продлабочување на соработката со ReSPA и целосно искористување на можностите што ги нуди ова партнерство за унапредување на националните реформски приоритети.

Поврзани вести