Четврток, 29 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Филипче до Мицкоски: Знам дека ти е тешко, ти го снема и вториот ментор од Србија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека постепено го губи својот систем на поддршка од Србија и дека ќе мора да одговара на прашања за финансиските трансфери, банкарските зделки и други сомнежи за кои, како што посочи, ќе треба да се бараат одговори и пред европските институции.

„Јас знам дека сега тебе не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места“, рече Филипче на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

„Онака како што јасно и недвосмислено, многу брутално, што би рекол ти, робусно, кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека пред Европа ќе треба да се одговара , пред Европското обвинителство и европската обвинителка Лаура Ковеши“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ отвори прашања и за финансиските текови поврзани со Унгарија и Србија, како и за Алта банка, посочувајќи дека постојат информации за можни трансфери на пари од Србија во Македонија.

„Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, не политички, ама патот сам си го избираш. Веројатно ќе одговараш на прашања и за трансферот на дрога преку граница, е тогаш на тие инстанци веќе нема да може да се дефокусира и да се даваат лажни информации“, изјави Филипче.

Поврзани вести