Четврток, 29 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Со години наплаќале двојно за прегледи на пациентите, тројца вработени во ФЗО и двајца во приватна болница под истрага

Операции на очи биле наплаќани двапати – еднаш од Фондот за здравствено осигурување, а вторпат од самите пациенти. Ова е една од најмасовните неправилности откриени во рамки на истрагата за финансиски злоупотреби во здравството, за која денеска Министерството за внатрешни работи спроведува претреси на повеќе локации низ државата.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека во случајот се опфатени три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа.

Според Клековски, станува збор за здравствена установа која повеќепати правела прекршоци, но за нив не била соодветно санкционирана. Тој посочи дека лично побарал да се покрене истрага за да се прекине, како што рече, ланецот на неказнивост.

„Значи, не е еднаш, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати, да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост и побарав да се покрене истрага“, изјави Клековски.

Тој додаде дека во истрагата, покрај МВР и Секторот за контрола на Фондот, биле вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и други надлежни институции.

Од МВР потврдија дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вршат претреси на повеќе локации, во координација со надлежен јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштија од МВР.

Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, истрагата го опфаќа и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, кој ја водеше институцијата во периодот кога на власт беше СДСМ. Неофицијално, штетата врз државниот буџет се проценува на повеќе од 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата корист за приватната болница на околу четири милиони евра. Се испитуваат и сомнежи дека биле оштетени поголем број пациенти.

Поврзани вести