Гаши во посета на Хрватска: Средба со Јандроковиќ за продлабочување на билатералната и парламентарната соработка

На покана на претседателот на Хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во возвратна официјална посета на Република Хрватска.
Во состав на Делегацијата се и претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на Групата: Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати.
На почетокот на официјалната посета, претстедателот Гаши и Делегацијата остварија средба со својот домаќин, Јандроковиќ. На средбата присуствуваа и Армин Хоџиќ, потпретседател на Хрватскиот парламент и Андро Крутуловиќ Опара, претседател на Комисијата за надворешна политика.
Соговорниците истакнаа дека двете држави имаат одлични односи, кои се карактеризираат со искрено пријателство, доверба и меѓусебна почит. Од наша страна беше изразена благодарност за силната и континуирана поддршка на Република Хрватска за нашата стратешка цел за полноправно членство во Европската Унија.
На средбата беше потврдена важноста на парламентарната соработка и подготвеноста за интензивирање на соработката како меѓу Групите за соработка, така и за воспоставување поблиско партнерство меѓу службите на двата законодавни дома за прашања поврзани со процесот на пристапување и членство во Европската Унија. Воедно, беше посочено дека продлабочувањето на институционалните врски и редовната размена на искуства и мислења претставуваат основа за натамошно унапредување на севкупните и билатералните односи.
Беше истакнато значењето на континуираната поддршка од Хрватска во однос на доследното спроведување на реформите поврзани со членството во Европската Унија и во таа насока беа посочени 17 твининг проекти веќе спроведени и 4 кои се во тек во разни области, со акцент дека поддршката на нашиот европскиот пат со силен интензитет ќе продолжи и во иднина.
Претседателот Гаши информираше и дека Договорот за стратешка соработка меѓу Владите на Северна Македонија и Хрватска, потпишан на 26 мај 2026 година во Охрид, како основа за продлабочување на долгорочното партнерство и унапредување на билатералните односи преку зајакнување на економската, институционалната и секторската соработка, со конкретни придобивки за двете држави, помина на Комисијата за надворешна политика на 10 ноември, како и дека е ставен на дневен ред на пленарна седница на 1 декември, кога и се очекува да биде донесен.
Дел од официјалната посета беше и посетата на Споменикот на татковината, меморијален комплекс посветен на независноста на Хрватска и на луѓето кои придонеле за создавањето на самостојната хрватска држава, каде претседателот Гаши положи венец цвеќе.



