Ги врзувале, ги тепале до смрт и им ги ограбувале куќите во Хром и Ѓорче Петров

Четири лица се осомничени за две тешки разбојништва во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, при кои беа убиени сопствениците на куќите. Осомничените ги нападнале жртвите, ги врзувале и ги задушувале, а потоа ги ограбувале домовите, одземајќи пари, златен накит и вредни предмети.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против четворицата, за кои постои основано сомнение дека заедно ги извршиле двете кривични дела разбојништво со смртни последици. Станува збор за најтежок облик на ова кривично дело, за кој е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Првиот напад се случил во раните утрински часови на 22 октомври, кога осомничените насилно влегле во куќа во Хром. Сопственикот го врзале за рацете и нозете, го удирале по главата и телото, а потоа го задушиле со перница. Од куќата одзеле пари и златен накит во вредност од околу 300.000 денари.
Истиот ден попладне, еден од осомничените ги однел останатите со своето возило до златарница во Старата скопска чаршија, каде што украдениот накит го продале за 2.840 евра.
Второто разбојништво се случило ноќта меѓу 26 и 27 октомври во куќа во Ѓорче Петров. Осомничените физички ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете, нозете и устата, а потоа ја однеле во купатилото. Жената починала од здобиените повреди.
Од куќата одзеле пари, накит и вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. И овој пат украдениот златен накит го продале.
Обвинителството побара притвор за сите четворица осомничени. Кривичниот суд претходно денеска потврди дека на осомничените им е продолжен притворот за 30 дена, на предлог на обвинителството.


