Најмалку 34 загинати во потонување брод со мигранти кај Сенегал

Најмалку 34 лица загинаа при потонување брод со мигранти во близина на брегот на Сенегал, објави Сенегалската новинска агенција (АПС), повикувајќи се на официјални податоци, пренесува „Би-би-си“.
Министерството за внатрешни работи потврди дека едно лице е спасено, додека бројот на исчезнати сè уште се утврдува. Малиот дрвен брод се превртел на пат кон шпанските Канарски Острови, во морето меѓу главниот град Дакар и градот Сен Луј, на северот на земјата.
Претседателот на Сенегал, Басиру Диомај Фај, изрази сочувство до семејствата на жртвите и ги повика граѓаните да не ги ризикуваат животите на опасните поморски рути.
„Ќе се бориме безмилосно против организаторите на овие преминувања, но ќе работиме и на тоа младите во Сенегал да имаат перспектива“, порача Фај.
Според Салиу Диуф, основач на сенегалската организација за помош на мигрантите „Боза Фии“, сите досега пронајдени тела се на сенегалски државјани. Потрагата продолжува, а националноста на останатите патници сè уште не е позната.
Несреќата повторно го отвори прашањето за опасностите на атлантската миграциска рута кон Европа. Според шпанската организација „Вокинг бордерс“, од јануари до мај 2026 година на патот кон Канарските Острови загинале 635 мигранти.
Во меѓувреме, на шпанскиот остров Ел Иеро е прогласена вонредна состојба поради големиот број новопристигнати мигранти. Од почетокот на ноември на островот пристигнале повеќе од 3.300 луѓе со околу 30 бродови.
Сенегалските власти најавија засилена борба против мрежите за криумчарење мигранти и поголема соработка со соседните земји.

