Мисајловски: Градењето национална отпорност, подготвеноста на институциите, како и сојузничката солидарност во НАТО се клучни за справување со современите кризи

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска се обрати на настанот „Хуманитарната дипломатија како инструмент за обликување на иднината на Црвениот крст на Република Северна Македонија и националниот хуманитарен систем“, на покана на генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, а под покровителство на Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, д-р Беким Сали.
Во своето обраќање пред присутните, Мисајловски говореше на тема „Национален хуманитарен систем, градење отпорност, можности и предизвици од членството во НАТО“, при што ги истакна клучните столбови за заштита од денешните современи кризи, нагласувајќи дека воените конфликти, климатските промени, природните катастрофи, хибридните и сајбер-заканите не познаваат граници и ги надминуваат капацитетите на поединечните институции.
„Современиот концепт на национална отпорност подразбира покрај способноста да одговориме на кризите, истите навремено да ги предвидиме со цел да ги намалиме последиците и што побрзо да го вратиме нормалното функционирање на општеството. Подготвеноста не започнува во моментот кога ќе се појави кризата, туку се гради многу порано преку заедничко планирање, развој на капацитетите и меѓусебна доверба“, истакна Мисајловски, потсетувајќи на мислата на американскиот претседател Џон Кенеди „Времето да се поправи покривот е додека сонцето сјае“.
Осврнувајќи се на улогата на Министерството за одбрана и Армијата во националниот систем за справување со кризи, Мисајловски посочи дека македонската Армија покрај својата примарна мисија, одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, претставува витален капацитет за поддршка на цивилните институции. Тој нагласи дека, поддршката, е клучот во справувањето со непогодите и кризните состојби, бидејќи ниту една институција не може да дејствува изолирано, и токму затоа е неопходна координацијата и со Црвениот крст, граѓанскиот сектор и волонтерските друштва.
Во тој контекст министерот Мисајловски додаде дека системот на солидарност и помош на земјите сојузнички во рамки на Алијансата, за нашата држава претставува дополнителна гаранција и поддршка за градење отпорно општество и побрз одговор при големи катастрофи. Како потврда за оваа двонасочна солидарност беа посочени македонските армиски тимови кои помагаа по разорниот земјотрес во Турција и поплавите во Словенија, но и итната сојузничка помош за време на трагедијата во Кочани преку поддршката со медицинска евакуација, опрема и лекување на повредените, како и преку ангажирањето на 10 воздушни тимови за гаснење на пожарите во 2024 година.
Мисајловски на крајот додаде дека, градењето национална отпорност е континуиран процес во кој секој сектор има своја одговорност, а преку зајакнување на партнерството меѓу државните институции, Црвениот крст и граѓанскиот сектор се создава поефикасен и поодржлив систем за заштита на граѓаните.



