Мојсоска во Кина на средба со поранешна пратеничка која е противник на Преспанскиот договор и на геноцидот во Газа

Во рамки на официјалната посета на Народна Република Кина, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, оствари средба со поранешната пратеничка од Die Linke, Севим Дагделен, позната по својата бескомпромисна критика на НАТО, подреденоста на ЕУ под интересите на САД и милитаризацијата на меѓународните односи, соопштија од партијата Левица.
„Дагделен во 2018 година во германскиот Бундестаг гласаше против ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО, посочувајќи дека неуспешниот референдум со излезност од само 37% не обезбеди убедлив демократски мандат за спроведување на договорот. Дагделен е и гласен противник на израелската воена агресија и геноцидот на палестинскиот народ во Газа, како и на западната поддршка што овозможува продолжување на израелската агресија. Таа е прва пратеничка што го посети Џулијан Асанж во амбасадата на Еквадор во Лондон и водеше кампања против неговиот кривичен прогон“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Севим Дагделан е и жесток критичар на безбедносната политика на ЕУ, која, како што пишува во соопштението на Левица, наместо да дејствува како самостоен политички фактор – ги следи стратешките интереси на Вашингтон.
„Оваа средба ја потврдува потребата од меѓународна соработка со политички сили што се спротивставуваат на воените блокови, кршењето на меѓународното право и двојните стандарди во меѓународните односи. Левица се залага за мултиполарен свет во кој суверенитетот на нациите не се мери според волјата на големите сили, мирот не се гради со оружје – а правото на народите сами да одлучуваат за својата иднина е највисока цивилизациска вредност“, соопштија од партијата.

