Понеделник, 23 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Муцунски во Атина повика на кредибилен и предвидлив процес за пристапување во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Атина учествуваше на министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“, на покана на грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис.

Во фокусот на состанокот беа актуелните предизвици на политиката на проширување во сегашниот геополитички контекст, како и следните чекори во насока на забрзување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Земјите пријатели на Западен Балкан ја потврдија заложбата проширувањето да остане високо на агендата на Европската Унија, како и потребата од натамошно забрзување на пристапниот процес.

Посебен дел од дискусијата беше посветен на можностите за користење на експертизата и инструментите на ОДИХР во поддршка на европската интеграција, особено во областите на демократската отпорност, владеењето на правото, фундаменталните права и одржливите реформи.

Во своето излагање, министерот Муцунски ја нагласи важноста на кредибилен и предвидлив пристапен процес и ги поздрави предлозите на Европската комисија насочени кон олеснување на процесот на донесување одлуки во Советот на ЕУ.

Воедно, тој потенцираше дека концептот на постепена интеграција треба дополнително да се надградува со иницијативи што ќе овозможат поактивно учество на земјите од регионот во креирањето на политиките на Европската Унија и ќе носат конкретни придобивки за граѓаните.

Поврзани вести