Понеделник, 23 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Вардар го крена гласот против судиите: Ни украдоа девет бода

Вардар во саботата загуби од Тиквеш со 0:3, во домашниот шампионат. Два дена по натпреварот, Судискиот одбор при ФФМ, по анализата на судењето, објави дека Вардар бил оштетен за недосуден пенал.

Оваа објава го натера клубот да излезе со соопштение во јавноста, во кое пишува дека од почетокот на сезоната, поради лошите судииски одлуки останале без девет бода.

„Во текот на вчерашниот ден 22.11.2026 Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија објави дека извршил стручна и детална анализа на клучната судиска одлука на натпреварот од 14-тото коло на Првата Македонска фудбалска лига помеѓу екипите на ФК Вардар АД и ГФК Тиквеш. На тој натпревар главен судија беше Фатмир Бафто, ВАР судија Влатко Илиоски и АВАР судија Борис Трајков.

Судискиот одбор заклучи дека ФК Вардар АД е директно оштетен поради кардинална грешка на ВАР судиите при резултат од 0:1 за гостинската екипа во 37-мата минута поради недосуден очигледен пенал за играње со рака. Судискиот одбор констатира сериозен пропуст и непочитување на ВАР протоколот од страна на Влатко Илиоски и Борис Трајков.


https://topsport.mk/wp-content/uploads/2026/11/penal-tikvesh.mp4

Констатираниот сериозен пропуст и непочитување на протоколот од страна на судиите од судискиот одбор на ФФМ еклатантно докажува дека континуираните напади, измислици и политички манипулации кои велат дека нашиот клуб е протежиран и помаган од ФФМ, дека е државен проект, дека е помаган од партијата на власт и слично, со цел да се направи штета на клубот – се апсолутни измислици, лаги и манипулации од фудбалското подземје и политичките партии.

Оваа сезона 2026/27 ФК Вардар АД со погрешни судиски одлуки досега е оштетен за 9 бода, нешто што на другите 9 клуба во ПМФЛ не им се случува.

Издвојуваме два примери:

1. Натпревар Шкендија – Вардар од 11 коло, одигран на 24.10.2026 во Гостивар.

При 0:0 во 96-та (последна) минута поништен е чист гол за ФК Вардар АД. Индикативно е дека и на тој натпревар на кој сме оштетени е истиот ВАР судија Влатко Илиоски.

Видеото ја покажува комплетната ситуација:

Видео од моментот кога е оштетен ФК Вардар АД:

https://topsport.mk/wp-content/uploads/2026/11/gol-shkendija.mp4

2. Натпревар Вардар – Струга ТЛ.

Во рамките на 12 коло, одигран во Скопје на 02.11.2026 при 0:1 за гостите не е признат чист гол за нашиот клуб, иако топката е цел метар зад гол линијата, што убаво се гледа од приложената слика.

Овие два примери, вклучително и пеналот на натпреварот со Тиквеш во целост го побиваат неспортското и некоректно тврдење на Словенецот Оливер Богатинов, дека “Вардар е фаворизиран” клуб.

Исто така би било интересно Словенецот Богатинов да каже дали во неговата “дежела” фудбалската “свеза” на Словенија дозволува да настапуваат фудбалери со лажни и фалсификувани лекарски документи, како и да ни разјасни дали во таа држава е дозволен престој и работа на илегални мигранти без валидна документација за престој. Бидејќи ако во Словенија важат едни правила, а овде Богатинов смета дека може диво и незаконски да се функционира, тогаш тоа е сериозна навреда за секој Македонец и за Република Македонија во целост.

ФК Вардар АД се залага за фер судење, спортско однесување и колегијалност помеѓу сите фудбалски чинители.

Ова соопштение е поттикнато од вчерашната анализа на судискиот одбор на ФФМ но во исто време би сакале да потсетиме дека Вардар и во минатото бил предмет на погрешни судиски одлуки со кои директно се влијаело врз конечниот резултат од натпреварот и пласманот на табелата.

За крај како пример да потсетиме на натпреварот од 22 коло од втората Македонска лига (запад) сезона 2021/2022 помеѓу екипите на Гостивар и Вардар кој заврши со резултат 2:1 за домаќинот, на тој натпревар беше главен судија Влатко Илиоски кој направи серија тешки судиски грешки на штета на Вардар и директно влијаеше врз конечниот резултат на натпреварот.

Се работи за истиот судија кој ни беше ВАР судија на натпреварите против Шкендија во Гостивар и против Тиквеш во Скопје“.

Foto/ facebook.com/fcvardarad

Поврзани вести