МВР поднесе кривична пријава за насилството пред „Јане Сандански“, приведени се тројца

СВР Скопје поднесе кривична пријава за насилство против П.А., во врска со вчерашниот инцидент пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, кога група од околу 30 припадници на навивачката група „Фемили“ физички нападнале околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Во нападот, 16-годишно момче од Скопје се здобило со тешки телесни повреди.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, навивачите на „Работнички“ чекале да влезат на спортскиот натпревар кога биле нападнати.
П.А. е лишен од слобода, а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, против него е поднесена кривична пријава по брза постапка, за кривично дело „насилство“ од член 386, ставови 4 и 6 од Кривичниот законик.
Во врска со инцидентот, полициски службеници ги привеле и М.М. (18) и Д.П. (18), двајцата од Скопје.
Од СВР Скопје информираат дека продолжува повикувањето на лица за кои ќе се утврди дека учествувале во насилството, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од МВР апелираат до навивачките групи на фер и спортско однесување, нагласувајќи дека полицијата нема да толерира насилство.


