Сабота, 31 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Народната банка: Одземањето на дозволата на Алта банка во Србија не значи автоматско затворање на банката во Битола

Одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола, појаснуваат од Народната банка на Македонија.

Од таму посочуваат дека одлуката на Народната банка на Србија се однесува исклучиво на работењето на банката во Србија, додека банката во Битола е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Македонија, чие работење се оценува според домашната законска и регулаторна рамка.

„Народната банка, како надлежен супервизор, ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби. Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност“, информираат од институцијата.

Оттаму додаваат дека во рамките на своите законски надлежности соработуваат со надлежните домашни и странски институции, притоа почитувајќи ги правилата за доверливост на супервизорските информации.

Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава по сеопфатна постапка, во која се оценуваат законски утврдените критериуми врз основа на официјално достапните податоци.

Од Народната банка апелираат јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.

„Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите“, се наведува во соопштението.

Поврзани вести