Среда, 25 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Обвинителството презема итни дејствија по кривичната против таткото и двете ќерки кои чуваат крави во Крива Паланка

Обвинителството презема итни дејствија по кривичната пријава за тешка телесна повреда поднесена против таткото и двете ќерки кои чуваат добиток во Крива Паланка.

„До Основното јавно обвинителство Крива Паланка денеска е доставена кривична пријава против три лица – татко и две ќерки поради сомнение дека сториле кривично дело – Тешка телесна повреда“, соопшти Јавното обвинителство.

Тие се пријавени дека поради недоразбирање околу добитокот најпрво започнале расправија, а потоа физички нападнале жена од селото Дрење, ја влечеле, туркале и и се заканувале. Кога ја турнале на земјата, жената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на левиот скочен зглоб на ногата.

Од Обвинителството велат дека по пријавата се постапува во редовна постапка, но сите дејствија се преземаат со итност, со цел што е можно побрзо донесување јавнообвинителска одлука.

„Наредено е вештачење на видот и карактерот на повредите на оштетената, а се обезбедуваат и други докази. Имајќи го предвид и претходното однесување на пријавените, како и другите постапки кои се водени и се водат против нив, надлежниот јавен обвинител врши проценка на потребата да предложи одредени мерки за претпазливост во текот на постапката“, соопшти Обвинителството.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Д.Д. (67) на 21 ноември во 9 часот пријавила дека во селото Дрење физички била нападната од Г.Ѓ., А.Ѓ. и А.Ѓ.

Во јавноста на виделина излегоа повеќе инциденти поврзани со добитокот на семејството против кое е поднесена пријавата.

Досега, против нив се евидентирани 104 пријави меѓу кои за оштетување туѓи предмети, загрозување на сигурноста, спречување службено лице во вршење службени дејствија, насилство и лажно пријавување.

Инцидентите се поврзани со случаите на слободно движење на добитокот низ Крива Паланка.

Поврзани вести