Недела, 22 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Нови тензии со состојбата со кравите во Крива Паланка, нападната 67-годишна жена, има скршеница

Нов инцидент поврзан со проблемот со кравите во Крива Паланка ја вознемири јавноста. Шеесет и седумгодишна жена од селото Дрење пријавила дека била физички нападната од три лица од Крива Паланка, поранешни сопственици на добитокот кој, според информациите, сега е одземен од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), настанот бил пријавен на 21 ноември, во 09:00 часот, во ОВР Крива Паланка.

„На 21.11.2026 во 09:00 часот во ОВР Крива Паланка, Д.Д. (67) од село Дрење, кривопаланечко, пријавила дека во село Дрење била физички нападната од Г.Ѓ., А.Ѓ. и А.Ѓ. поради недоразбирање околу крави кои правеле штети, при што ѝ нанеле тешки телесни повреди констатирани во Здравствен дом Крива Паланка“, информираат од МВР.

Според информациите за случајот, жената се здобила со тешка телесна повреда, односно скршеница.

По повод случајот се огласи и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој изрази сериозна загриженост поради настанот и побара итно постапување од надлежните институции, утврдување на одговорноста и соодветна заштита на граѓаните.

„Според информациите со кои располагаме, пријавените лица се претходните сопственици на добитокот за кој со месеци бараме институционално постапување.

Загриженоста кај граѓаните е огромна. По сите досегашни пријави за напади и закани, јавноста заслужува одговор: зошто овие лица сè уште се на слобода и дали некој ги штити?
Бараме итно постапување од надлежните, утврдување одговорност и заштита на граѓаните. Што уште треба да се случи за луѓето да бидат безбедни?“, прашува градоначалникот.

Поврзани вести