Одбиени амандманите на Левица за заштита од семејно насилство, бараа 158 милиони денари за центрите и советувалиштата

Трите амандмани на Левица за подобрување на системот за заштита од семејно насилство, поднесени на Предлог-буџетот за 2027 година, биле одбиени на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, соопшти партијата.
Пратеничката Јована Мојсоска побарала дополнителни 78 милиони денари за кадровско зајакнување на центрите за социјална работа, средства за отворање нови шелтер-центри, како и 80 милиони денари за специјализирани советувалишта за жртви и сторители на семејно насилство.
Мојсоска посочила дека во 2025 година биле регистрирани 1.700 пријави за семејно насилство, а во првите шест месеци од 2026 година бројот на случаи се зголемил за 60 отсто. Таа предупредила дека центрите за социјална работа се соочуваат со недостиг од стручен кадар и дека, и покрај законската обврска да постапуваат во рок од 12 часа, во практиката жртвите понекогаш чекаат со недели за средба.
Според податоците што ги изнела пратеничката, на државно ниво се потребни 184 места за згрижување жртви на семејно насилство, а во моментов се обезбедени само 67. Од потребните 19 специјализирани советувалишта, 11 постојат на хартија, но речиси половина од нив не функционираат.
Мојсоска се повикала и на анализи на граѓанскиот сектор, според кои за ефикасен систем за заштита од семејно насилство се потребни околу седум милиони евра годишно, односно 0,1 отсто од државниот буџет.
„Ние ниту овој 0,1 отсто со години не успеваме да го обезбедиме. Ако навистина не можеме ваков износ да издвоиме, тогаш потполно треба да ја распуштиме државата“, порача Мојсоска.
Од Левица оценуваат дека со одбивањето на амандманите владејачкото мнозинство не обезбедило дополнителна финансиска поддршка за институциите и услугите задолжени за заштита на жртвите на семејно насилство.



