Општина Аеродром: Три важни одлуки – поголема поддршка за младите, награди за учениците и кодекс за одговорност за функционерите

Советот на Општина Аеродром донесе три значајни одлуки со кои се унапредува поддршката за младите жители, се вреднуваат успесите и талентите на учениците и се воспоставуваат повисоки стандарди за одговорност, отчетност и транспарентност во работењето на локалната самоуправа.
„На предлог на градоначалникот Дејан Митески, Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница изгласа зголемување на старосната граница за ослободување од општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом, од досегашните 35 на 40 години.
Сите млади до 40 години што ги исполнуваат условите ќе можат да остварат целосно ослободување од комуналии, согласно и со мерката на Град Скопје. Другите услови остануваат непроменети и се однесуваат на жителството во Општина Аеродром од најмалку две години, изградба на прв дом за лични станбени потреби и обврска за живеење во него најмалку десет години.
Советот донесе и одлука за доделување еднократни парични награди за учениците од VII до IX одделение во општинските основни училишта кои постигнале посебни успеси во науката и технологијата, уметноста и литературата, спортот, како и за учениците со посебни образовни потреби кои покажале исклучителен инклузивен напредок. Право на награда ќе имаат учениците кои ги исполнуваат утврдените услови што ќе бидат објавени навремено во јавен повик. Постигнувањата треба да бидат остварени во тековната или претходната учебна година.
За првпат, Општина Аеродром донесе и Кодекс со кој се утврдуваат јасни правила и стандарди за однесување и работење на градоначалникот, претседателот и членовите на Советот, како и на другите носители на јавни функции во Општината. Кодексот ги утврдува принципите на законитост, професионален интегритет, одговорност, отчетност, транспарентност и заштита на јавниот интерес, со цел зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на граѓаните во работата на локалната самоуправа.
Со донесените одлуки, Општина Аеродром продолжува со спроведување конкретни мерки за подобрување на квалитетот на животот, поддршка на младите и препознавање на потенцијалот на децата, паралелно со унапредување на стандардите за одговорно и транспарентно институционално работење“, соопшти Општината.

