Пензиските заштеди и правата на членовите – во фокусот на реформите: АДПФ бара јавна, аргументирана и стручна дебата

Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови (АДПФ) денеска повика секој предлог за реформа на пензискиот систем да се разгледа во отворена стручна расправа и да се оцени според ефектите врз членовите и врз долгорочната одржливост на системот. На прес-конференцијата АДПФ ги претстави своите согледувања за долгорочните приноси на пензиските фондови, правата на членовите врз средствата на индивидуалните сметки и потребата од модернизација на инвестициската рамка.
На ова му претходеше стручна тркалезна маса организирана во два панела. На неа десетина домашни експерти од областа на економијата, финансиите и пензиското осигурување, заедно со членови на управните одбори на пензиските друштва, разговараа за актуелните предизвици и за иднината на пензискиот систем во Македонија.
„Сметаме дека секој предлог за промена треба да биде предмет на аргументирана и отворена стручна расправа, со внимателна оценка на последиците за членовите и за функционирањето на системот. Како асоцијација, подготвени сме да придонесеме во таквата расправа со своето искуство и со релевантни информации“, изјави Маријан Николовски, претседател на АДПФ.
Николовски посочи дека засилениот јавен интерес и најавите за реформи отвораат конкретни прашања кај членовите. За да можат да ги разберат резултатите на фондовите, важно е да знаат на кој период се однесува секој објавен принос, како е пресметан и што значи за нивното пензиско штедење.
„Пензиските заштеди треба да се оценуваат низ призмата на долгорочен инвестициски хоризонт, имајќи ги предвид остварениот принос, инвестициската стратегија и преземениот ризик. Реалниот принос покажува како се менува куповната моќ на заштедите.“, истакна Весна Стојановска, заменичка-претседателка на АДПФ.
Стојановска ја илустрираше разликата меѓу номиналниот и реалниот принос со пример на еднократна уплата од 10.000 денари инвестирана во период од дваесет години. При годишен номинален принос од 5,5 проценти, уплатата би достигнала околу 29.200 денари. При годишен реален принос од 2,3 проценти, нејзината вредност, изразена во куповната моќ од моментот на уплатата, би изнесувала околу 15.800 денари. Тоа би значело зголемување на куповната моќ за околу 58 проценти.
Стојановска посочи дека инфлацијата, растот на каматните стапки и геополитичките потреси по 2021 година се одразија врз вредноста на обврзниците и акциите, а со тоа и врз приносите на пензиските фондови. Во таа насока, таа се заложи за модернизација на регулативата што би им овозможила на фондовите поширок избор на инструменти за диверзификација, меѓу кои и обврзници индексирани според инфлацијата, со задржување на високите стандарди за сигурност, транспарентност и контрола на ризиците.
Снежана Станковиќ истакна дека во изминатите две децении капитално финансираното пензиско осигурување создаде пензиски заштеди на лични сметки, при што членовите можат да ја следат состојбата на средствата, уплатените придонеси и остварениот принос. Таа ја нагласи важноста на личната сопственост врз средствата, можноста за наследување под законски утврдени услови и поврзаноста меѓу уплатените придонеси и средствата што се акумулираат за старост.
„Индивидуалните сметки и правата на членовите мора да бидат во фокусот на реформите. Само со јасен концепт и долгорочна стратегија можеме истовремено да обезбедиме заштита за најранливите и да ја зачуваме довербата на оние што со години придонесуваат во системот. Чекор напред претставува новата законска регулатива за мултифондовите, која веќе е во собраниска процедура.“, рече Снежана Станковиќ. Таа се заложи за јасно разграничување на пензиската и социјалната компонента, со предвидливи правила и финансиска одржливост на двете.
АДПФ изрази силна подготвеност да придонесе во понатамошната стручна, јавна и, воопшто, општествена расправа со податоци и со искуството на пензиските друштва во управувањето со средствата на членовите. „Остануваме посветени да учествуваме во стручна и аргументирана дискусија за пензискиот систем, во целина. Во средиштето на таа дискусија треба да бидат членовите, нивните интереси и последиците од секоја предложена промена“, нагласуваат во Асоцијацијата.
На прес-конференцијата учествуваа и Татјана Бојковска, секретарка на Асоцијацијата, Тихомир Петрески и Иван Стојановиќ.


