Сабота, 14 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Почна дистрибуцијата на 400.000 вакцини против сипаници кај овците и козите, од среда почнува вакцинацијата

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против болеста сипаници кај овците и козите до ветеринарните друштва. Вакцините се донација од Европската Унија, од турско производство, а според најавите, нивната апликација на терен треба да почне од среда.

Од АХВ информираат дека претходно ги добиле резултатите од лабораториските испитувања спроведени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина. Со тестирањата биле потврдени квалитетот, микробиолошката исправност и јачината на вакцините, кои, според Агенцијата, се меѓу најдобрите за заштита на добитокот од оваа болест.

Вакциналната кампања ќе се спроведува во три фази и ќе опфати вкупно 3.417 стада со 438.042 овци и кози во осумте региони во земјава.

Во првата фаза ќе се вакцинира добитокот во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион. Во овие региони се евидентирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни.

Втората фаза ќе ги опфати Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион, каде што има 1.558 стада со 244.515 животни.

Третата фаза е предвидена за дополнителна вакцинација, со цел да се постигне што поголем опфат на целната популација. Во неа ќе бидат вклучени јагниња и јариња кои во меѓувреме ќе ја достигнат потребната возраст за вакцинација, животни кај кои таа била одложена поради здравствената состојба или ветеринарна проценка, како и фарми кои не биле достапни за време на првичната кампања.

Вакцинацијата ќе се спроведува кај клинички здрави овци и кози, согласно упатствата за употреба на вакцината и проценката на ветеринарите. За бремените, болните и животните во постпарталниот период ќе се постапува согласно препораките и проценката на ризикот.

Од почетокот на годинава досега, АХВ регистрирала 115 жаришта на сипаници кај овците и козите. Од болеста угинале 875 животни, додека 9.359 биле нештетно отстранети.

Со започнувањето на вакцинацијата треба да се спречи понатамошното ширење на болеста и да се заштити сточниот фонд во земјава.

Поврзани вести