СДСМ: Ширење паника или паника кај Мицкоски

СДСМ реагира на обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски дека опозицијата шири паника по случајот со „Алта банка“, прашувајќи дали ширење паника претставуваат и предупредувањата за работењето на финансиската групација во Европа, Црна Гора и Србија. Од партијата велат дека уште пред една година алармирале за опасностите поврзани со влезот на банката на македонскиот пазар.
Во соопштението СДСМ објавува хронологија на настаните, почнувајќи од обидите на „Алта груп“ на Давор Мацура во 2023 и 2024 година да ја преземе „Адико банка“ во повеќе земји. Според партијата, во август 2024 година Европската централна банка привремено му го суспендирала правото на глас поради сомневања за тајно заедничко дејствување, додека австрискиот регулатор во септември изрекол санкција. СДСМ се повикува и на пишувањата на „Фајненшл тајмс“ за проверките на потеклото на капиталот и контролите против перење пари.
Во октомври 2025 година Централната банка на Црна Гора го одбила преземањето на „Адико банка“, а гувернерката Ирена Радовиќ потврдила дека имало притисоци по донесувањето на одлуката.
Истовремено, „Алта банка“ АД Белград ја презела Стопанска банка Битола, со одобрение од Народната банка на Македонија, стекнувајќи 95 отсто од акциите. Во 2026 година групацијата ја купила и осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија, која подоцна го добила името „Алта осигурување“ АД Скопје.
СДСМ тврди дека Владата на Мицкоски испратила укажување до јавните претпријатија да одлучат за преземање акции од „Алта банка“, со што, според партијата, биле поддржани банкарските и осигурителните активности на групацијата во Македонија.


