(Видео) Вучиќ како инфлуенсер, објавува видеа од кафана

Српскиот претседател во заминување, Александар Вучиќ, ја засили активноста на социјалните мрежи, каде што речиси секој час објавува фотографии и видеа. Само вечерва сподели неколку снимки од белградска кафана, каде што пие и се весели со поддржувачи на неговата партија Српска напредна партија.
На едно од видеата се гледа како присутните наздравуваат и се забавуваат, а меѓу нив е и Вучиќ.
Претходно, тој објави видео и со сопственикот на медиумот „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, исто така во кафаната „Чаци бар“.
„Не знам што слави Драган. Ме повика мене и уште некои државни функционери, Ана, Синиша и Тони, па дојдовме во кафанава „Чаци бар“. Не знам што слави Драган, веројатно затоа што му го гасат медиумот. А јас знам дека тоа што му го гасат медиумот е почеток на нивниот крај. И тие ништо не разбраа“, рече Вучиќ.
Во видеото, двајцата ја повторија пораката: „Србија победува“.


