Недела, 1 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Шестмина возачи приведени за безобѕирно возење, тројца немале возачка дозвола

Шест возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Тројца од приведените управувале возила без положен возачки испит. Станува збор за Б.М. (34) од скопско Батинци, 16-годишник од селото Морани и Ф.К. (32) од прилепското Големо Коњари, кој истовремено бил и под дејство на алкохол.

Под дејство на алкохол бил затекнат и С.А. (53) од делчевското село Град, кој претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета.

Од слобода бил лишен и А.А. (38) од Прилеп, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило, а бил и под дејство на алкохол.

М.Е. (66) од тетовско, пак, бил приведен откако управувал патничко возило во спротивна насока.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од Министерството апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување, нагласувајќи дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот.

Поврзани вести